На седницата за пратенички прашања, Тошковски реферираше за Кочани, но не одговори кога ќе си поднесе оставка

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на пратеничпко прашање за трагедијата во Кочани, наместо да одговори кога ќе си поднесе оставка, тој појаснуваше колку има осомничени. Во таа насока рече дека истрагата за трагедијата во Кочани се уште е во тек и дека досега се осомничени 68 физички и три правни лица. Тошковски ги отфрли обвинувањата на опозицијата за селективна правда.

„Во никој случај не може да стане збор за селективно постапување, МВР постапуваше исклучиво во соработка и по наредба на јавен обвинител, не се гледаше дали се работи за маж или жена, за човек од Скопје или од Кочани, за каква било политичка припадност. Се работеше исклучиво од апскет на расветлување на трагедијата за оние што имаат вина да одговараат согласно законот. Да се реагирало вака во минатото, немало да се случуваат вакви незгоди во континуитет, да се имало ваков сериозен пристап при спроведување истрага капацитетите на државата ќе беа поинакви од овие што се сега“ рече Тошковски.

Одговорајќи на прашање што му го постави пратеникот Реџеп Исмаил, Тошковски уште еднаш напомена дека јавноста денес и тоа како може да направи разлика во постапувањата, во начинот како се спроведуваат сега и како се спроведувале изминатите години.

Тој најави дека во вторник јавноста ќе види што се треба да се преземе за да имаме, како што рече, нормална држава.

Од друга страна опозицијата, жестоко ја критикуваше целата постапка за трагедијата во Кочани во кој живото го загубија 62 лице, а над 200 беа повредени. Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески од собраниската говорница посочи дека првите денови после страшната несреќа во Кочани, ниту како јавност, ниту како луѓе не добивме јасна перцепција за истрагата дека е траспарентна и неселективна.

„Имајќи ги предвид изјавите на премиерот Мицкоски и на министерот за внатрешни работи Тошковски, не се знае дали обвинителството е подредено на министерство или обратно. Фактите се јасни дека ова страшна несреќа се случи во време на оваа влада и факт е дека никој досега не понесе морална одговорност. За несреќата во Кочани никој не поднесе оставка, ниту од морални причини. Дали имам право зборувам за морал? Апсолутно го имам целото право да зборувам за морал. Некогаш треба поднесеме оставка од морални причини. Јас искрено сметам дека кардинална грешка на министерот Панче Тошковски и погрешна политичка процена што не поднесе оставка од морални причини. Пред сè и заради него лично. Факт е дека се создаде перцепција дека имаме селективна правда и разводнување на истрагата. Селективна правда не е правда, разводнувањето на истрагата не може да доведе до правда. И оттука, само правда од првото на законот, а не на политиката, може да ги задоволи донекаде барањата и болката и родителите кој секој ден протестираат. Тие живеат во мал град. Тие точно знаат кој е виновен. Во малите градови сè се знае. Ништо после Кочани нема да биде исто, рече Трајчулески.

Зачлени се на нашиот е-билтен