СДСМ на денешната прес конференција што ја одржа портпаролката Богданка Кузеска објави видео од радар уредите на МВР на кое се гледа возило „Мини Купер“ со скопски регистарски таблички, за кое подоцна се дознава дека е управувано од Далибор Стефковски — брат на градоначалникот на Гази Баба, Борче Стефковски, сопственик на автомобилот.
На видеото, кое до СДСМ го доставиле свиркачи, се утврдува дека среде Скопје, братот на градоначалникот летал со 88 километри на час, иако дозволената брзина е 50 километри на час.
Портпаролката на СДСМ, врз основа на информациите на свиркачите, објасни дека полицајците го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Далибор Стефковски телефонски контактира со некој во МВР.
За само една минута, рече Кузеска, началник од МВР, кој според информации на СДСМ тогаш дури и не бил во земјата, се јавува на полицајците и им дава наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен.
Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им е казната да ја запишат на друго лице, па така, казната е издадена на лице со иницијали С.Ј., под налог број 07929. И оваа документација свиркачите ја доставиле до СДСМ, објасни Кузеска и истакна дека нивниот идентитет наме да го објават за да бидат заштитени.
На прес конференцијата Кузеска рече дека граѓаните имаат можност да го видат она што одамна го знаат: функционерите на власта прават што сакаат, без никаква одговорност.
„Со ДПМНЕ и Панче Тошковски на чело на МВР, наместо ред и поредока, царуваат неказнивоста и селективноста“, нагласи Кузеска.
Од СДСМ оценуваат дека Тошковски и МВР наместо да обезбедат почитување на законот, ги штитат прекршителите — само затоа што се функционери на ДПМНЕ.
„Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека „секој ќе одговара“. Денес, гледаме дека тоа биле само лаги. Брат да ми е, ќе одговара“, е најголемата лага на Тошковски. „Законот за нив не важи“. СДСМ бара целосна истрага, рече Кузеска, вклучувајќи и одговорност за сите вмешани полициски службеници и санкции за сите инволвирани — почнувајќи од Панче Тошковски па надолу.