Трендафилов: Утре на 1. мај протестираме за зголемување на платите кои се најниски во регионот и пошироко

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов денеска го најави утрешниот протест, кој ќе се одвива од Собранието преку Стопанската Комора, со завршување пред зградата на Владата, за да побараат зголемување на минималната плата, како и за зголемување на останатите плати.

„На 1 мај се бореле за 8 часа работно време, нешто кое денеска во Македонија го немаме. ССМ излегува на протест, да бара згоелмување на минималната плата 500 евра, на сите останати плати за 100 евра, да бара зголемување платите на сите. На 1 мај ССМ, за наша среќа дел од другите синдикати ќе се приклучат утре точно во 11 часот. Стартуваме од пред работничкиот дом каде што ќе упатиме пораки до Собранието, потоа одиме пред Стопанската комора и на крајот пред Влада.

Протестот е начинот да изразиме незадоволство од висината на платите, кои се најниски во регионот и пошироко. ССМ ги повикува сите кои му мислат добро на работникот, да се приклучат на протестот. Денеска синдикатите во Македонија имаат многу причини да излезат и да протестираат, а не да прославуваат. Имаме можност да покажеме дека сме тука за работниците“, изјави Трендафилов и додава:

„За жал само синдикалци може да направат штета на работниците, и кога поддржуваат владини политики, секогаш е на штета на работниците. Тоа што го заборават да кажат колегите од другите синдикати, е дека прифаќаат далеку помали износи, а ССМ нема да дозволи ниту еден работник да пати за зголемување на платите“, рече Трендафилов.

Првиот човек на ССМ ја коментираше и ситуацијата со истекување на замрзнување на маржите, и ги нарече трговците „алчни“.

„Во минатото се покажа дека трговците се алчни, и се надевам дека овојпат нема да биде случај“, изјави Трендафилов.

Зачлени се на нашиот е-билтен