Мерсие: Присуство на Вучиќ на парадата во Москва ќе има влијание врз европските аспирации на Србија

Европската Унија ќе продолжи да го поддржува српскиот народ во неговите европски аспирации, но евентуалното присуство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ на воената парада во Москва на 9 мај ќе има влијае врз ваквата посветеност, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.

Изјавата на Мерсие беше одговор на новинарско прашање каква порака му пренела еврокомесарката за проширување Марта Кос на Вучиќ на нивната синоќашна средба во Белград, во врска со најавите за негово присуство на настаните за обележување на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Москва.

  • Таа го повтори она што го порачаа многу други земји членки дека заминувањето во Москва ќе има влијание врз европскиот пат и врз дискусиите за реформите и за следните чекори. Ние бевме сосема јасни кога станува збор за ориентацијата и позициите на Србија во овој контекст, додаде Мерсие.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Мерсие нагласи дека Србија аплицираше и преговара за членство во ЕУ и од тој аспект таа треба да биде доверлив партнер на Унијата и да ги почитува нејзините заеднички принципи, вредности, безбедност и просперитет.

  • Навистина ни треба потврда од Србија за нејзината стратешка ориентација. Нашата позицијата беше навистина јасна од самиот почеток дека односите со Русија не може да се развиваат како се да е нормално, рече Мерсие, додавајќи дека во оваа фаза не може да говори за евентуални последици и за следните чекори што би ги презела ЕК поради присуство на парадата во Москва.

Според Мерсие, на средбата со Вучиќ, Кос ја нагласила потребата од напредок во реформите на европскиот пат и потребата од преземање конкретни чекори за да може да бидат отворени преговорите со Србија по Кластерот 3.

  • Таа, исто така, потсети на важноста од воспоставување услови за инклузивен дијалог на сите засегнати страни, политички актери, институциите и членовите на граѓанското општество за спроведување на реформите неопходни за европската иднина на Србија. Тоа ќе го зајакне српското општество и ќе го консолидира патот на Србија кон ЕУ, додаде Мерсие.

Зачлени се на нашиот е-билтен