Утре почнува 32. Меѓународен фестивал Пролетни веселби Хид Бах Шен Фест

Од утре до 7 мај во валандовското село Чалакли ќе се одржува 32. Меѓународен фестивал Пролетни веселби Хид Бах Шен Фест. Свеченото отворање на фестивалот е на 3 мај 2025 година во 12 часот на фестивалското плато во Чалакли, каде ќе има пеливанско борење и настап на културно-уметничко друштво од Струмица. 

Според програмата,  во Чалакли на 2 мај ќе настапи фест оркестар, а  на 4 мај ќе настапат културно-уметнички друштва од земјава и од повеќе балкански земји. На 5 мај и 6 мај во валандовското село Башибос ќе бидат претставени обичаите за празникот Хидрелез, кој го слави турското население, а го означува почетокот на пролетта.

Во рамки на фестивалот, на 7 мај на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ќе се одржи 27. Меѓународен симпозиум на турската култура.

Симпозиумот го организира Здружението ХИД БАХ ШЕН ФЕСТ – Чалакли, Валандово со поддршка на Институтот за истражување на народната култура од Анкара, Република Турција, а заедно со Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Фестивалот Пролетни веселби ХИД БАХ ШЕН ФЕСТ – Чалакли, Валандово е првиот официјален фестивал на турската заедница во земјава.

Пролетното прославување ХИДРЕЛЕЗ во декември 2017 година се впиша во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријалното културно наследство на човештвото на Конгресот на УНЕСКО во Јужна Кореја.

„Меѓународниот симпозиум има за цел да се зајакнат и развијат постојните културни врски помеѓу турскиот народ и македонскиот народ и останатите етнички заедници во Северна Македонија. За учество на симпозиумот се покануваат научници, универзитетски професори, наставници во основно и средно образование, преведувачи, вработени во библиотеки, докторанди и магистранти.  Сите реферати што ќе се прифатат ќе се објават во електронски зборник на трудови“, се наведува во објавата на Фејсбук на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. 

Зачлени се на нашиот е-билтен