Државниот завод за ревизија утре ќе објави извештај кој, според најавите, открива сериозни пропусти во начинот на кој болниците во земјава ја користат современата медицинска опрема.
Новинарката Мирослава Симоновска преку објава на својот профил на Фејсбук го алармираше јавниот интерес за ревизорскиот извештај, нагласувајќи дека резултатите од ревизијата се од исклучително значење за сите граѓани.
„Почитувана јавност, утре Државниот завод за ревизија ќе објави нешто што има опасност за повеќето од вас да помине незабележано, а не смее. Направена е ревизија на искористеност на современите апарати во сите болници. Извештајот, ко што ми е кажано од поодамна, ќе боли,“ напиша Симоновска.
Таа предупреди дека голем дел од апаратите фаќаат прашина, а и оние што се во функција не се користат со полн капацитет, што резултира со ограничен пристап до здравствени услуги за пациентите.
„Не може да фатите термин за ништо, тоа и сами си го имате осетено. Така што, бидете будни и информирани, а истото важи и за одговорните здравствени власти,“ додава Симоновска.
Објавата предизвика реакции на социјалните мрежи, а јавноста со нетрпение го очекува објавувањето на извештајот кој би можел да ги разоткрие слабостите во здравствениот систем и да отвори прашања за одговорност и идни мерки за подобрување на здравствените услуги.
Мирослава Симоновска е новинарка во „Слободен печат“ и е позната по своето истражувачко новинарство и активизам во заштита на јавниот интерес.