Калас: Мораме да го засилиме притисокот врз Русија за да ја натераме да се согласи на мир

Доколку Русија не се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот во Украина, тогаш Европската Унија ќе го засили својот притисок врз неа, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас при пристигнувањето на двојниот Совет за надворешни работи во Брисел.

  • Денеска ќе се договориме за 17-тиот пакет санкции, но продолжуваме да работиме и на следниот силен пакет санкции за да извршиме поголем притисок врз Русија, со цел и таа да се согласи на мир, рече Калас, додавајќи дека сите 27 земји членки на ЕУ се едногласни дека сакаат целосен и безусловен прекин на огнот, на што Украина се согласи пред повеќе од 60 дена.

Калас истакна дека ЕУ истото го очекува и од САД, кои најавија дека Русија ќе се соочи со последици доколку не се согласи на безусловно примирје, па сека чека Унијата да ги види следните чекори на Вашингтон, бидејќи нема друг избор освен да изврши поголем притисок врз Москва.

Таа истакна дека на денешниот Совет ќе биде презентиран и разузнавачки извештај за реалните состојби во руската економија, како последица на ефектот од санкциите, кој според неа ќе биде уште поголем во наредните месеци.

  • Русите сакаат да мислиме дека санкциите не функционираат, дека ни штетат повеќе нам, отколку што им штетат ним. Тоа не е вистина, го гледаме тоа од разузнавачките извештаи. Тие се многу добри во пропагандата, отсекогаш и биле и мора да го имаме тоа предвид. Но, гледаме дека всушност не им оди толку добро, рече Калас.

Калас соопшти и дека Холандија предложила преразгледување на Договор за асоцијација меѓу ЕУ-Израел во контекст на случувањата во Газа, но како што нагласи засега не може го предвиди исходот од дискусијата по ова прашање.

Таа истакна дека во моментов е најважно хуманитарната помош да стигне до населението во Газа, при тоа поздравувајќи ја одлуката на Израел да дозволи дека од неа да влезе во Појасот, но како што рече, тоа не е доволно.

  • Има илјадници камиони на границата што чекаат влез. Тоа се европски пари со кои е финансирана оваа хуманитарна помош и таа мора да стигне до луѓето, бидејќи ситуацијата е исклучително сериозна, додаде Калас.

Таа изрази надеж дека министрите ќе се согласат и за укинување на економските санкции кон Сирија и покрај загриженоста дали Преодната сириска влада „оди во вистинската насока“, бидејќи, како што рече, ако не му се помогне на сирискиот народ и им се даде можност да ја стабилизираат земјата, тогаш може да се соочиме со состојба каква што имаме во Авганистан.

Зачлени се на нашиот е-билтен