Без решителни чекори против аерозагадувањето, Македонија ќе продолжи да плаќа и во човечки животи и економски во загуба на БДП

Аерозагадувањето не е само тивок проблем, туку убива масовно и ако не бидат преземени решителни чекори сега, Македонија ќе продолжи да плаќа и во човечки животи и економски во загуба на БДП. Искуствата од други држави покажуваат дека со соодветна политика може да бидат постигнати резултати во период од три до пет години, а проблемот може да биде комплетно решен ва седум години, порачаа невладините организации кои учествуваат на надзорната расправа на собраниската Комисија за здравство за ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје.

Иако изгледа комплексно, според нив, потребна е само добра стратегија и конкретна одговорност и давање на конкретни задачи на институциите кој за што е задолжен.

Според Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени, неопходно е воспостаување на координативно тело што ќе ја координира работата на сите институции и ќе го следи спроведувањето на мерките за намалување на аерозагадувањето.

  • Сите анализи покажуваат дека за да се справиме со аерозагадувањето не можеме само да таргетираме кон еден извор, туку мораме на сите извори да работиме паралелно. За сите извори се одговорни различни чинители, некаде индустрија, што значи таргетирање и контрола врз работата на индустријата, некаде транспорт, што значи треба да обезбедиме јавен транспорт, но најважно од се е фокусирање да обезбедиме алтернативни начини на греење на домаќинствата и на јавни објекти, нагласи Станојевска Пецуровска.

Според Ели Пешева од О2 Иницијатива, статистиката покажува дека земјава е на врвот во Европа по бројот на починати поради изложеност на ПМ 2,5 честичките – статистиката вели дека 303 лица на 100 илјади жители се во ризик.

  • Според Европската агенција за животна средина во 2022 година поради хронична изложеност на аерозагадување прерано починале 3 600 наши сограѓани, што е 16 проценти од вкупниот број починати во годината. Во Скопје 1 200 луѓе годишно умираат како резултат на загаден воздух, а УНИЦЕФ проценува дека 11,6 проценти од смртните случаи кај новороденчиња под една година се од аерозагадувањето, изјави Пешева.

За споредба, посочи Пешева, вкупниот број на починати од КОВИД-19 во земјава од 2020 до мај 2025 година е 9 976 лица, што покажува дека бројот на починати е далеку поголем од аерозагадувањето.

Економската штета од аерозагадувањето, посочи Пешева, изнесува меѓу 600 милиони до една милијарда евра годишно, додека директните здравствени трошоци се проценети на 253 милиони евра годишно. Според Светска банка од 2023 година, загубата е некаде околу 17,5 проценти од БДП.

Според нашите мерни станици, ако го исклучиме Лазарополе, рече Пешева, добар воздух има најмногу еден и пол месец во годината и тоа само во Кочани и Миладиновци, околу половина месец во Охрид и периферијата на Битола. На другите мерни места има само меѓу два и девет дена во годината. Според новите гранични вредности на ЕУ доволно добар воздух има само половина месец и тоа во зависност од мерните станици и четири месеци во годината, зависно од мерното место.

  • Ова покажува дека сите извори на аеорзагадување треба да биде сведено на минимум. Недостасуваат соодветни и континурирани мерки низ годините. Изгубивме драгоцено време заради преклопување и недоволно јасни ингеренции на институциите, нагласи Пешева.

Надзорната расправа ќе трае пет дена до 26 мај и на неа се поканети претставници од различни државни органи, институции, јавни претпријатија, научни институции и граѓански организации да учествуваат и дадат искази и одговори на членовите на Комисијата и на другите пратеници.

Ова ќе биде втора надзорна расправа за аерозагадувањето, откако на 25 февруари годинава се одржа надзорна расправа организирана од Левица и од СДСМ во Постојната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, која не беше поддржана од владејачкото мнозинство.

Зачлени се на нашиот е-билтен