На Евзони нема веќе да се чека со часови, Грција ќе го надгради граничниот премин

Итна надградба на граничниот премин Евзони, со воведување дополнителни мерки што ќе ги забрзаат контролите и ќе го намалат повеќечасовното чекање за влез и излез од Грција, било одлучено на состанокот свикан од заменик-министерот за внатрешни работи надлежен за областа Македонија-Тракија Константинос Јулекас и секретарот на децентрализираната администрација на истиот регион Јоанис Савас, јави дописничката на МИА од Атина.

Надградбата на копнените гранични премини на Грција, меѓу кои и оној кон нашата земја беше најавена на почетокот на годинава, а се очекува да се намали времето на чекање, кое минатото лето на Богородица-Евзони, поради големиот број туристи, во одредени денови достигнуваше и до пет часа.

Од Министерството за внатрешни работи на Грција, од секторот Македонија и Тракија соопштија дека на состанокот одржан вчера на граничниот премин Евзони се разговарало за надградбата што ќе се одвива на две нивоа.

Едното се однесува на зајакнување персоналот на граничниот премин, „барање доставено до политичкото раководство на надлежните министерства со цел да се скрати времето за проверка на податоците“.

Второто се однесува на функционалното подобрување на инфраструктурата и според планот, целосното реновирање на објектите ќе биде завршено во текот на 2026 година со целосна промена на изгледот на целиот граничен премин.

Заменик-министерот за Македонија и Тракија Константинос Јулекас по состанокот рече дека покрај целокупната надградба на објектите, се обидуваат да преземат мерки за решавање на проблемите, особено во текот на летниот период.

– Овие мерки се однесуваат на тоа како можеме при влезот и излезот да го олесниме поминувањето за да немаме повеќечасовни застои. Се обидуваме да ја зголемиме и брзината на информацискиот систем, за побрзо да се завршува контролата при влез во Грција. Она што разговаравме е да се забрзаат царинските и пасошките контроли и како да успееме, оние што доаѓаат во нашата земја или заминуваат да го видат токму со она што сме, сликата на Европа, рече Јулекас.

Зачлени се на нашиот е-билтен