Премиерот на Црна Гора, Милојко Спаиќ, изјави дека Владата е на чекор до постигнување договор околу воведување на седумчасовно работно време, по обемни консултации со синдикатите и работодавачите.
Спаиќ најави дека веќе на почетокот од наредната недела, министерката за труд и социјална заштита, Наида Нишиќ, ќе ги води клучните разговори во рамки на социјалниот дијалог. Како што пренесуваат подгоричките Вијести, на овие средби ќе се дефинира конечната верзија на реформата.
„Целта е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на трудот, со која ќе се унапреди квалитетот на живот на граѓаните, ќе се овозможи повеќе време за семејството, но и поефикасна и попродуктивна работа“, изјави Спаиќ.
Тој потенцираше дека и оваа реформа, слично како програмите Европа сега 1 и Европа сега 2, ќе биде реализирана само со целосна поддршка од социјалните партнери – и синдикатите и работодавачите.
„Убеден сум дека министерката Нишиќ, во име на Владата, ќе направи сè што е потребно за во оптимален рок да се постигне договор кој ќе ги исполни очекувањата на граѓаните и ќе ја зацврсти позицијата на сите вработени во Црна Гора“, додаде Спаиќ.