Франција ќе гради затвор за дилери на дрога во Амазонија

Франција планира да изгради затвор со највисоко ниво на безбедност во Амазонија, како дел од кампањата за пресметка со опасните дилери на дрога.

Министерот за правда Жералд Дарманен го објави проектот вреден 400 милиони евра при посетата на Француска Гвајана, која е прекуморска територија на Франција која се граничи со Бразил и Суринам.

Затворот ќе биде изграден во Сен Лоран ди Марони, област во Француска Гвајана, во кој ќе има капацитет за 500 осуденици, од кои 60 ќе бидат високопрофилни дилери на дрога, а 15 терористи. На истата локација ќе се изгради и нов судски објект, кој може да биде отворен најрано до 2028 година.

Објектот ќе се наоѓа во близина на озлогласената казнена колонија „Ѓаволски остров“, што Франција ја користела до 50-тите години и која стана позната низ романот „Пеперутка“, а подоцна и преку истоимениот холивудски филм со Дастин Хофман и Стив Меквин.

  • Целта е да се оневозможи дејствувањето на најопасните наркодилери – изјави министерот.

Освен што ќе придонесе за борбата против трговијата со дрога во регионот, Дарманен истакна дека новиот затвор ќе помогне и во намалувањето на пренатрупаноста во постојните затвори.

Министерот за правда ја постави борбата против дрогата како еден од своите врвни приоритети. Тој има цел да ги изолира 100. најголеми наркокриминалци во Франција од нивните мрежи. Според планот, дел од осудениците ќе бидат префрлени во два високообезбедени затвори на територијата на Франција.

  • Неприфатливо е што затворите повеќе не се пречка за многу наркодилери. Тие продолжуваат да тргуваат, да нарачуваат убиства и да ги загрозуваат судиите, затворските службеници, новинарите и адвокатите – изјави министерот.

Извор: Euronews.com

Зачлени се на нашиот е-билтен