На девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошничка од најважните светски валути нагло опадна, откако агенцијата Moody’s го намали кредитниот рејтинг на САД. Овој потег предизвика раст на приносите на американските државни обврзници и засили притисок врз американската валута.
Според Tportal, индексот на доларот – кој ја мери вредноста на доларот во однос на шестте најважни светски валути – минатата недела опаднал за 1,9 проценти, достигнувајќи 99,10 поени.
Во исто време, курсот на еврото пораснал за 1,7 проценти, достигнувајќи 1,1360 долари, додека доларот ослабел и во однос на јапонскиот јен – за 2,1 процент, па се тргувал за 142,55 јени.
Причина за падот е неодамнешното намалување на кредитниот рејтинг на САД од AAA на AA1, поради:
големиот буџетски дефицит,
високите трошоци за финансирање,
и најавеното намалување на даноците од страна на претседателот Доналд Трамп.
Според проценките, јавниот долг на САД изнесува околу 36.200 милијарди долари, а би можел да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години, доколку се реализираат најавените даночни олеснувања. Иако тие би можеле да ја поттикнат потрошувачката и економскиот раст, ќе предизвикаат уште поголем јавен долг, освен ако не се намали државната потрошувачка.
Дополнителен притисок врз доларот настана во петокот, кога Трамп повторно ги вознемири финансиските пазари, најавувајќи дека од 1 јуни ќе воведе царини од 50 проценти за производи од Европската Унија, поради незадоволство од текот на трговските преговори меѓу САД и ЕУ.