Најавата дека неколку нискобуџетни авиокомпании наскоро ќе воведат „седишта за стоење“ предизвика вистински негодувања во јавноста. Овие седишта нудат обложена потпора на која патниците можат да се потпрат под агол, без навистина да седат, и можно е да бидат воведени во 2026 година.
Но, тие не се единствената неконвенционална идеја за авиоседишта што привлече внимание во последните месеци. Во февруари „Ербас“ објави дека соработува со шпанскиот стартап „Чејс лонг“ за развој на концепт за двослојно седење во авиони.
Овој дизајн подразбира наизменични редови на седишта, едното поставено на повисока платформа, а другото на стандардна висина.
За патниците на горниот слој, дилемата околу спуштање на седиштето и непријатноста на патникот одзади ќе исчезне бидејќи зад нив нема да има никој.
Од друга страна, патниците во долниот ред ќе имаат повеќе простор за нозете и ќе можат дури и благо да ги подигнат, благодарение на дополнителниот простор под седиштето пред нив.
Креаторот на двослојните седишта, Алехандро Њуњез Висенте, извршен директор и основач на „Чејс лонг“, изјави дека неговата компанија го истражува „почетниот концепт“ во соработка со „Ербас“.
- По четири возбудливи години во кои го следев својот сон да го подобрам патничкото искуство и да им го понудам на луѓето тоа што навистина го заслужуваат, со голема возбуда ја објавувам оваа вест. Ова е почеток на нова ера во комерцијалната авијација. Се надевам дека сте возбудени колку и ние и дека наскоро ќе патувате во поудобни, пространи и двослојни седишта – напиша Висенте на неговиот линкдин-профил.
Но, првите фотографии од концептот предизвикаа загриженост кај дел од патниците, особено околу потенцијалот за непријатни миризби во кабината.
Сè уште не е познато кога „Ербас“ и „Чејс лонг“ ќе го воведат овој дизајн во авионите.
Висенте, кој студирал индустриски инженеринг на Универзитетот „Брунел“ во Лондон, го започнал развојот на првиот прототип уште во 2021 година.
На промотивните фотографии се гледа дека патниците во долниот ред имаат многу простор за нозете, но помалку простор за навалување на седиштето. Наспроти тоа, горниот ред нуди повеќе простор за навалување, но малку потесен простор за нозете.
Сепак, со оглед на тоа што главата на патникот што седи на долното седиште би се наоѓала непосредно зад задникот на патникот над него, веројатно горните седишта ќе бидат значително попопуларни.
Дополнително, патниците долу би имале потпирач веднаш над себе што кај некои би предизвикало чувство на приватност, а кај други клаустрофобија. Сите патници би имале простор под своето седиште за багаж, при што долниот ред би имал и малку дополнителен простор пред себе.
Извор: Telegraf.rs