Крал Чарлс во Канада: Симболична потврда на суверенитетот пред заканите од Трамп

By Scottish Parliament - https://twitter.com/ScotParl/status/1569703512119906306/photo/4, SPCL, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=128478152
By Scottish Parliament – https://twitter.com/ScotParl/status/1569703512119906306/photo/4, SPCL, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=128478152

Целта на денешната посета на британскиот крал Чарлс III на Канада, како што се верува, е да му покаже на американскиот претседател Доналд Трамп кој е вистинскиот суверен владетел на таа земја.

Кралот е шеф на државата на Канада, која е членка на Британскиот Комонвелт – заедница составена од 56 држави, претежно поранешни британски колонии.

Најавите на Трамп дека САД би можеле да го анектираат својот северен сосед го натераа канадскиот премиер Марк Карни да изјави дека „Канада има непоколеблив бранител во својот суверен“ и да го покани кралот Чарлс да одржи говор утре, во вторник, на објавувањето на владината програма за новиот состав на Парламентот.

Редок е случајот монарх да одржи ваков говор. Мајката на Чарлс, кралицата Елизабета II (1926–2022), тоа го направи само двапати во текот на своето 70-годишно владеење, последен пат во 1977 година.

Иако Канаѓаните генерално се рамнодушни кон монархијата, премиерот Карни беше решен да ги истакне разликите меѓу Канада и САД, оценувајќи дека посетата на кралот јасно го потенцира суверенитетот на Канада.

Додека САД ја стекнаа својата независност од Велика Британија преку револуција, Канада остана британска колонија до 1867 година и оттогаш функционира како уставна монархија со парламентарен систем по британски пример.

Кралот Чарлс неодамна ја изрази својата поддршка за Канада, меѓу другото и преку носење канадски воени одликувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен