Да треба да ставам наслов, би рекол дека казните ќе бидат построги за оние кои нелегално влегуваат или престојуваат во нашата земја ако нивното барање за азил е одбиено, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на предлог-законот за промена на рамката и процедурите за враќање на државјани од трети земји, што на денешната владина седница ќе го презентира надлежниот министер за миграција и азил на Грција Макис Воридис, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, на почетокот на денешната владина седница се осврна и на нелегалната миграција, односно на механизмот на враќања на мигранти во трети земји, механизам кој, како што рече, сакаат да го направат поефикасен и праведен, а тоа „не е само национален, туку е и европски приоритет“.
Тој посочи дека „во Европа, помалку од двајца од десет нелегални жители на европскиот континент се враќаат во своите земји на потекло“.
За ситуацијата со мигрантите во Грција, објасни дека вкупните бранови се намалени, особено на источните граници, нагласи дека имаат добра соработка со турските власти за ограничување на нелегалната миграција, но и дека „оградата во Еврос, се покажа како исклучително ефикасна и затоа се проширува“.
- Европа треба да преземе поголем дел од одговорноста во финансирањето на такви инфраструктури, бидејќи во суштина се штитат европските граници, нешто што се однесува на финансирањето на миграцијата, бидејќи во овој момент не може државите што се на надворешните граници на Европа да бидат непропорционално и финансиски оптоварени за работата што ја работат во име на целата Европска Унија, истакна Мицотакис.
Од друга страна, посочи дека постојат проблеми со брановите од Либија и за таа цел, најави дека министерот за надворешни работи на Грција наскоро ќе ја посети земјата за да види како може да се постигне подобра соработка, особено со властите во источна Либија.