Од текстил до недвижнини: „Тетекс“ ќе гради станбено-деловен комплекс во Тетово

Поранешниот текстилен гигант „Тетекс“ влегува во градежниот сектор. Компанијата доби одобрение од Општина Тетово за изградба на станбено-деловен комплекс на површина од 28.884 квадратни метри, на земјиште кое е во сопственост на акционерското друштво.

„Тетекс АД Тетово известува дека на 30.05.2025 година добиено е одобрение за градење за објекти со намена домување во станбени згради (А2.1) и компатибилна деловна намена (Б1), на катастарска парцела 5448/5, Тетово 2“, се наведува во известување објавено на Македонската берза.

Проектот предвидува изградба на станбени единици со вклучени деловни простории за мали комерцијални дејности. Со ова, „Тетекс“ ја продолжува својата трансформација од текстилно претпријатие во инвеститор во недвижности. Производството официјално го напушти во 2020 година.

„Од темелите на традицијата до врвот на современото домување“ – со оваа порака на веб-страницата, компанијата го претставува новиот правец на своето делување.

Зачлени се на нашиот е-билтен