Трамп бара „безусловна капитулација“ од Иран, Пентагон испраќа засилувања

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп преку својата платформа Truth Social ја повика Исламската Република на „безусловно предавање“, тврдејќи дека САД „точно знаат“ каде се наоѓа врховниот лидер Али Хаменеи. „Лесна е цел, но засега нема да го елиминираме“, напиша Трамп, додавајќи дека американските сили го контролираат иранскиот воздушен простор и дека „трпението ни е при крај“.

Потпретседателот Џеј Ди Венс паралелно му се закани на Техеран со „понатамошни дејствија“ за спречување на збогатувањето на ураниум. Во Вашингтон, Трамп свика итна седница на Националниот совет за безбедност за да ги координира следните чекори.

Според неименувани претставници, Пентагонот подготвува распоредување борбени авиони F-16, F-22 и F-35, како и дополнителни воени бродови во Заливот, мерка што официјално се опишува како одбранбена и наменета за пресретнување беспилотни летала и ракети.

Трамп го прекина учеството на самитот Г-7 во Канада и се врати во САД, наведувајќи дека сака „вистински крај“ на конфликтот и конечно напуштање на иранската нуклеарна програма. За време на летот со „Ер Форс Уан“ тој оцени дека Техеран е „многу блиску“ до изработка на нуклеарно оружје, игнорирајќи ги спротивните проценки од разузнавачката заедница.

Меѓу сојузниците, реакциите се поделени. Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека не очекува директна американска интервенција, додека францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека воено соборување на иранската влада би било „сериозна грешка“ и повика на продолжување на дипломатските напори.

Зачлени се на нашиот е-билтен