Фронтекс: Нелегалните влезови во ЕУ преку Западен Балкан се преполовија

Во првата половина од 2025 година, бројот на нелегални обиди за преминување на границите на Европската Унија се намали за една петтина во однос на истиот период минатата година, објави Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс. Особено значајно е намалувањето на нелегалната миграција преку западнобалканската рута, каде што бројот на обиди се преполови.

Според прелиминарните податоци, вкупно 75.900 нелегални преминувања се регистрирани низ сите мигрантски патеки, што претставува намалување од 20 проценти. Најголем пад, од 53 проценти, е забележан токму преку Западен Балкан, каде што во првите шест месеци од годината се регистрирани 4.930 обиди за нелегално преминување.

Други главни рути, како источниот Медитеран, исто така бележат пад од 24 проценти, со околу 19.600 регистрирани обиди, додека западноафриканската рута се намали за 41 процент.

Сепак, не сите рути бележат намалување. Централномедитеранската рута, преку која мигранти од Либија се обидуваат да стигнат до Италија, бележи зголемување од 12 проценти, со 29.300 регистрирани нелегални преминувања. Исто така, западната медитеранска рута од Алжир кон Шпанија забележа раст од 19 проценти.

Особено внимание привлекува и рутата Ламанш (Ла Манш), која води од ЕУ кон Велика Британија. Таму бројот на обиди за нелегално преминување се зголеми за 23 проценти, со над 33.000 лица спречени да ја преминат границата. Фронтекс го поврзува овој пораст со поволните временски услови и користењето на „такси-чамци“ од страна на шверцерите, кои успешно избегнуваат контроли и ризикуваат со животот на мигрантите.

Овие податоци покажуваат дека, и покрај напорите на властите да ги контролираат границите, шверцерите се адаптираат и користат се поиновативни методи, додека бројот на мигранти продолжува да биде значителен.

Зачлени се на нашиот е-билтен