Апелациониот суд во Париз ги ослободи две Французинки, обвинети за ширење гласини дека првата дама на Франција, Брижит Макрон, е всушност родена како маж. Судот донесе ослободителна пресуда по сите 18 точки од тужбата за клевета поднесена од Брижит и нејзиниот брат Жан-Мишел Троње, јавува весникот Le Monde.
Наташа Реј и Амандин Рој во 2021 година ја објавија теоријата на заговор во четиричасовно интервју на YouTube, во кое тврдеа дека вистинската Брижит никогаш не постоела, и дека нејзиниот брат всушност го презел нејзиниот идентитет по наводна промена на пол. Тие објавија и фотографии, лични податоци, па дури и шпекулираа за нејзините деца и медицински интервенции.
Во септември 2023 година, на првостепениот суд, двете беа прогласени за виновни и осудени на условна парична казна од по 500 евра и вкупна отштета од 13.000 евра. Но, Апелациониот суд сега ја поништи таа пресуда, повикувајќи се на начелото на „добра намера“.
„Наташа Реј беше гонета и осудувана. Но, на крајот, таа е ослободена“, изјави нејзиниот адвокат Франсоа Данглент. Адвокатот на Брижит Макрон, Жан Еноки, најави дека ќе се разгледаат следните чекори, бидејќи семејството не е согласно со пресудата.
Оваа теорија, иако неоснована, продолжи да се шири преку социјалните мрежи, особено во Русија и САД, каде што доби голем публицитет благодарение на десничарските медиуми и подкасти. Инспирација беше и книгата „Becoming Brigitte“ од францускиот автор Ксавије Пусар, кој досега не е тужен од семејството Макрон.