„Снимка до сега со свои очи, немам видено. Арсовска не дојде во полициска станица, туку отишла прво во болница каде докторот и констатирал дека има само црвенило на левата потколеница“, рече Тошковски.
За инцидентот при увид на дивоградба во општина Чаир од страна на градоначалничката Арсовска и нејзиниот тим, и за немањето реакција од страна на полициските службеници, Тошковски рече дека полицијата ќе ја утврди фактичката состојба и дека нема да дозволи ‘некој грубо да ја манипулира македонската јавност’.
„Она што се случи денеска од аспект на физичко наслилство го осудувам и ќе бидат преземени сите дејствија во насока на расчистување на ситуација. Но, фактичката состојба била многу поинаква од она што до сега е презентирано. Известен е јавниот обвинител. Оние што ја нападнале градоначалничката се во полициска станица, и ќе се постапува“, рече Тошковски.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска тврди дека денеска при увид и инспекциска контрола на дивоградба во Општината Чаир, таа и екипата која била со неа, биле нападнати прво вербално, потоа физички, со клоци и тоа пред припадници на МВР. Лицето кое, како што вели, најверојатно е сопственик на дивоградбата и се заканувало нејзе и на нејзиното семејство.
По нападот, таа се обратила во Ургентниот центар „8-ми Септември“, каде и била укажана лекарска помош.
Арсовска по излегувањето од здравствената установа во изјава за медиумите рече дека лицето било затекнато како краде струја, вода, оти нема платено ниту еден денар, ниту данок, ниту комуналии, ниту на Градот, ниту на било кое друго место. Градоначалничката вели дека лицето нема никакво одобрение и никаква документација за градбата.
Дека градоначалничката на Скопје била нападната додека вршела службени дејствија, потврдија и од полицијата.
„На 11.07.2025 во 12:15 часот, во СВР Скопје од страна на А.Ј. е пријавено дека при извршување работни задачи на улицата Кумбара физички била нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот, по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош“, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.
Инаку за дилемата во јавноста дека нема безбедност во државата, првиот полицаец, Тошковски, вели дека откако тие се на власт, ‘е далеку побезбедно од претходно, бидејќи се решени многу од случаите на убиства, и затоа што се постапува бескомпромисно кон извршителите на кривичните дела, особено кон оние насочени кој македонските граѓани’.