Станува збор за претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Шуто Оризари, во чии дом и имот бил извршен претрес, при што, според неофицијални информации, биле пронајдени пиротехнички средства и други запаливи материјали.
Покрај тоа, одземен бил и неговиот мобилен телефон, кој е даден на вештачење за да се утврди евентуална поврзаност со неодамнешните пожари, вклучително и со пожарот што се случи во депонијата кај Визбегово. Според полициски извори, осомничениот поседува имот веднаш до парцелата што беше опожарена, што дополнително ги засилило сомнежите.
Случајот е дел од поширока полициска истрага за причините и евентуалната организираност зад повеќе пожари што изминатите денови избувнаа во различни делови од Скопје и околината. Се испитуваат повеќе траги, меѓу кои и поврзаноста на други лица со политичка или друга јавна функција.
Од Министерството за внатрешни работи досега нема официјален одговор на прашањето дали се обезбедени дополнителни докази што го поврзуваат осомничениот со подметнување пожари, но истрагата е во тек, а дел од материјалите веќе се предмет на вештачење.