Патувачкото кино на „МакеДокс“ денеска пристигна во Кочани. Проекциите на документарни филмови во рамки на програмата на патувачкото кино ќе се одржуваат од денеска до 18 и на 20 јули, на летна сцена пред НУ Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани, со почеток во 21 часот.
На 19 јули патувачкото кино ќе има проекција и во селото Смилево, во Демир Хисар.
-Во свет што толку бргу се менува, па „човек не може двапати да влезе во иста река“, станува сè потешко да се разликува вистината од вештачката интелигенција и сè понеподносливо да се прифати дека постојат повеќе истовремени – а најчесто и неверојатно различни – реалности. Но, дури и во свет на контрадикторности, има нешто што човек, сепак, може беспогрешно да го разликува, иако се чини дека го снемува додека сè наоколу незапирливо тече. Тоа е она што никогаш не би требало да се промени, тоа е она што сакаме повторно да го исполни воздухот ко мирисот на липите во јуни и да натежне ко дрвјата полни со дудинки, велат од „МакеДокс“.
Тоа, како што посочуваат во соопштението, е обѕирноста, тоа е грижата за другиот, тоа е спремноста да се радуваме и да сочувствуваме со него….
-За реалноста би требало секому да му биде гајле. Уште повеќе кога реалноста е мачна, од непребол тешка, навидум безизлезна, па сакаме да е невистинита. Кога е таква, секој од нас треба да стори онолку колку што може, оти секој може да стори барем по нешто. Кога е таква, мора да го свртиме погледот не подалеку од болката, бесот и безнадежноста, туку токму кон нив и со сета сила да го преточиме субјективното во колективен чин на поддршка и да создадеме простор каде што ќе биде безбедно и добредојдено да се чувствува и наглас да се зборува за тоа. Оти, парадоксално, токму таму, од колективното извираат смислата и силата да се плови низ реалноста, истакнуваат од „МакеДокс“.
Секој од нас, додаваат, може да стори барем по нешто за сегашноста да биде поинаква. Ако ни е гајле за реалноста сега, нема да мора да береме гајле за иднината после.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, а се реализира во соработка со Support Kochani, НУ Центар за култура „Бели мугри“ и Општина Кочани.