Папата Лав XIV денеска предупреди на можните закани што произлегуваат од ширењето на вештачката интелигенција (AI), особено во време кога „науката и технологијата доминираат во секојдневниот живот“, потенцирајќи дека не смее да се наруши човечкото достоинство.
„Сè што произлегува од човекот и неговата креативност не смее да го поткопува достоинството на другиот,“ изјави Папата на првата миса во Ватикан посветена на католички инфлуенсери.
„На вас е културата да остане хумана“
Во обраќањето кон младите инфлуенсери, Папата нагласи дека живееме во нова култура која е длабоко обележана со технологија, и дека токму тие имаат одговорност да се погрижат таа култура да остане човечна и со душа.
„Во време кога дигиталната димензија е сè поприсутна, а вештачката интелигенција ја прекројува географијата на нашите животи, мораме да размислиме за нашата способност да слушаме, да зборуваме, да разбираме и да бидеме разбрани“, рече Папата.
Присутните го дочекаа со аплауз и голем број фотографии, додека тој упатуваше духовни пораки и предизвици на размислување.
Загриженост за младите и дигиталниот свет
Папата веќе и претходно – во јуни – предупреди на можните негативни последици од користењето на вештачката интелигенција врз интелектуалниот и невролошкиот развој на децата и младите.
„Никогаш досега една генерација немала ваков пристап до информации во толкави количини. Но, податоците не треба да се мешаат со интелигенција,“ истакна тој.
Папата повика инфлуенсерите да бидат „дигитални мисионери“ и „агенти на заедништво“, кои ќе ги „поправат мрежите“ – и буквално (на интернет), и симболично (во срцата на луѓето кои го изгубиле смислот на животот).
„Денешните дигитални мрежи имаат потреба од истото внимание и трпеливост што апостолите ги користеле за да ги поправаат своите рибарски мрежи,“ изјави Папата, апелирајќи до младите да бидат носители на мир каде и да се наоѓаат.