Одлуката на израелскиот безбедносен кабинет да преземе директна контрола врз Градот Газа отвори сомнежи дека станува збор за првиот чекор кон целосна окупација на целиот Појас Газа. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, без дипломатски нијанси, изјави дека токму тоа е неговата конечна цел – порака што ја пренесе и BBC.
Но, зад затворени врати, планот наиде на отпор и во самиот израелски воен врв. Началникот на Генералштабот, генерал Ејал Замир, предупредил дека таквиот потег може да ја вовлече армијата во „замка“ од која тешко ќе излезе.
Во сенка на политичките и воените пресметки, семејствата на околу 20 израелски заложници – за кои се верува дека сè уште се живи – стравуваат дека продолжената офанзива, која би можела да трае со месеци, ќе ги загрози животите на нивните најблиски. Хуманитарните организации, пак, предупредуваат на ризик од нови цивилни жртви и уште подлабока хуманитарна катастрофа во Газа.
Анкетите во Израел откриваат дека мнозинството граѓани би прифатиле договор со Хамас за ослободување на заложниците и крај на војната. Но, политичарите во Тел Авив тврдат дека Хамас моментално нема интерес за преговори, охрабрен од меѓународниот притисок врз Израел. Дел аналитичари гледаат во заканата со целосна окупација само тактика за притисок врз палестинската организација.
Интересно, во интервју пред седницата на кабинетот, Нетанјаху изјави дека по воспоставувањето контрола врз Газа, управата ќе ја предаде на „арапски сили“. Сепак, не прецизира кои држави би учествувале ниту како би изгледал таквиот процес.
Од Лондон пристигна остра реакција. Британската министерка за енергетска безбедност и климатска неутралност, Миата Фанбуле, за BBC оцени дека потегот е „погрешен“ и дека ќе ја ескалира веќе неподносливата ситуација, носејќи уште повеќе крвопролевање. Таа повтори дека ставот на Британија останува ист – итен прекин на огнот, зголемување на хуманитарната помош за Газа и ослободување на заложниците.
„Се надеваме дека израелската влада ќе ја преиспита својата одлука,“ порача Фанбуле.