Во потег што може да стави крај на децениското непријателство меѓу Ерменија и Азербејџан, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека денеска во Белата куќа ќе биде потпишан мировен договор меѓу премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
„Овие две нации со години беа во војна, што резултираше со илјадници жртви. Многу лидери се обидоа да го запрат конфликтот, но без успех – сè до сега, благодарение на Трамп“, напиша американскиот претседател на својата мрежа Truth Social, додавајќи дека е „многу горд на храбрите лидери“ кои се одлучиле за мир.
Ерменија и Азербејџан водеа два крвави конфликта околу Нагорно-Карабах, последниот во 2023 година, кога Азербејџан ја врати областа под своја целосна контрола во кратка, но жестока офанзива, што предизвика егзодус на над 100.000 етнички Ерменци. Иако мировни преговори се водеа и во други формати – вклучувајќи ги минатомесечните разговори во ОАЕ – значаен напредок немаше до сега.
Покрај мировниот договор, Вашингтон ќе потпише и билатерални спогодби со двете држави за економска соработка. Клучен дел е планот за развој на транзитен коридор наречен „Трамповата рута за меѓународен мир и просперитет“, кој треба да го поврзе Азербејџан со ексклавата Нахчиван преку 32 километри ерменска територија. Проектот предвидува изградба на железница, нафтоводи, гасоводи и оптички кабли.
Коридорот ќе се развива од приватни компании без директно американско финансирање, а иницијативата следи по посетата на специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, на Баку годинава.
Доколку се реализира, договорот би можел да ја затвори страницата на еден од најжестоките и најдолготрајни конфликти на постсоветскиот простор, отворајќи ново поглавје за стабилност и економска поврзаност во Јужниот Кавказ.