Светот на музиката остана во шок откако на денешен ден во 1977 година во Мемфис, Тенеси, почина Елвис Арон Присли, човекот кој засекогаш ја промени историјата на популарната култура. „Кралот на рокенролот“ имаше само 42 години кога неговото срце престана да чука, поради срцев удар кој, според лекарите, бил предизвикан од долготрајна зависност од лекови. Веста за неговата смрт предизвика бран од реакции и масовна тага кај милиони обожаватели низ целиот свет, кои веднаш почнаа да се собираат пред неговата резиденција „Грејсленд“ во Мемфис.
Елвис Присли е роден на 8 јануари 1935 година во Тупело, Мисисипи, во сиромашно семејство. Неговиот брат-близнак, Џеси, починал за време на раѓањето, а Елвис израснал како единец, опкружен со тешкотии и сиромаштија. По завршувањето на средното училиште работел како возач на камион, но уште од најмала возраст ја покажувал својата љубов кон музиката, инспириран од госпелот, кантри-звуците и ритамот на блузот кој се слушал во Мемфис.
Клучниот момент се случил во 1953 година, кога 19-годишниот Елвис влегол во малото студио на Сем Филипс за да сними неколку песни како подарок за својата мајка. Впечатени од неговиот длабок, соулфул глас, продуцентите го поканиле повторно. Кога ја отпеа песната That’s All Right со уникатна мешавина од блуз и кантри, Филипс веднаш ја препозна магијата и ја издаде песната под етикетата „Сан Рекордс“. Така започна кариерата на човекот кој ќе стане глобален феномен.

Веќе во 1955 година, Елвис потпиша договор со „РЦА Виктор“, која за рекордни 40.000 долари ги купи неговите права од „Сан Рекордс“. Следната година ја објави песната Heartbreak Hotel, која веднаш се искачи на врвот на американските топ-листи. Потоа следуваа хитовите Hound Dog и Don’t Be Cruel, кои ја запечатија неговата позиција како нова суперѕвезда.
Во септември 1956 година се појави во популарното телевизиско шоу на Ед Саливан. Милиони тинејџери полудеа по неговиот енергичен настап и харизма, додека многу родители и критичари беа згрозени од неговите „провокативни“ движења на сцената. Но токму таа мешавина на восхит и контроверзност го претвори Елвис во икона на новата ера – ерата на рокенролот.
Во втората половина на 1950-тите, Присли не само што ги освојуваше музичките топ-листи, туку и филмските екрани. Меѓу неговите најпознати филмови од овој период се Love Me Tender (1956), Jailhouse Rock (1957) и King Creole (1958). Секој филм носеше нови хитови, а неговата популарност достигнуваше незамисливи размери.
Во 1958 година, на врвот на својата слава, Елвис беше регрутиран во американската армија и служеше 18 месеци во Западна Германија. Иако многу негови фанови стравуваа дека паузата ќе го оддалечи од сцената, неговиот менаџер, полковник Том Паркер, вешто ја одржуваше популарноста преку однапред снимени песни кои беа објавувани за време на неговата служба.
По враќањето во 1960 година, Елвис се сврте кон романтични балади како Are You Lonesome Tonight?, и почна да снима филмови со полесна содржина и големи музички броеви. Во текот на 1960-тите сними 27 филмови, меѓу кои најпознати се Blue Hawaii (1961) и Viva Las Vegas (1964). Во 1967 година се ожени со Присила Болиу, со која една година подоцна ја доби ќерката Лиза Мари.
Кон крајот на 1960-тите, музичката сцена се менуваше со појавата на нови рок-бендови и музички стилови. Елвис веќе не беше доминантната сила, но неговиот телевизиски специјал од 1968 година го врати во центарот на вниманието. Публиката повторно го виде како вистински рокенрол уметник, со енергија и харизма.
Во следните години настапуваше на бројни концерти и имаше успешни турнеи, особено во Лас Вегас, каде што изгради нова генерација обожаватели. Неговиот последен голем хит беше Burning Love во 1972 година.
Сепак, зад сцената неговиот живот беше исполнет со проблеми. Во 1973 година се разведе од Присила, а зависноста од лекови и нездравиот начин на живот го нарушија неговото здравје. Прекумерната тежина и нестабилното психичко состојба го правеа се поранлив. Во последните две години од животот, настапуваше нередовно, а дел од концертите завршуваа разочарувачки поради неговата слабост.
На 16 август 1977 година, Елвис беше пронајден без свест во неговата бања во „Грејсленд“. Итно беше пренесен во болница, но лекарите не успеаја да го реанимираат. Официјалната причина за смртта беше срцев удар, но многумина веруваат дека комбинацијата од лекови и нездрави навики го забрзале трагичниот крај.
И по неговата смрт, славата на Елвис Присли не згасна. Напротив, „Грејсленд“ стана место на поклонение за милиони фанови ширум светот. Неговата музика продолжи да се продава во милионски тиражи, а многу современи уметници го посочуваат како своја најголема инспирација.
Елвис остана симбол на еден нов почеток – човекот кој ја сруши бариерата меѓу блузот и кантрито, кој го дефинираше рокенролот и кој ја постави основата за модерната популарна култура. Со својата уникатна мешавина од шарм, талент и контроверзност, тој успеа да го освои светот и да остане засекогаш запаметен како „Крал на рокенролот“.