Ако некогаш сте се запрашале зошто во некои хотели нема соба со број 420, одговорот нема врска со суеверија, несреќи или „опседнати“ места.
Причината е во тоа што бројот 420 низ целиот свет станал препознатлив симбол на канабис културата.
Бројот 420 е толку популарен меѓу љубителите на канабис што менаџерите на хотели морале да најдат начини како да се справат со два чести проблеми – кражба на табличките со број на собата и користење на тие соби за пушење марихуана.
Еден хотел, на пример, наместо бројот 420 ставил ознака „419+1“ за да ги одврати оние кои сакаат да го земат бројот како сувенир, како и оние кои го поврзуваат со пушење. На вратите се поставени и знаци забрана за пушење.
Во Колорадо, каде што марихуаната е легална, еден хотел го насликал бројот 420 директно на вратите со шаблон за да се избегне постојаната замена на украдените таблички. Некои хотели пак, целосно го изоставиле бројот, така што по собата 419 веднаш следи 421.
Овој феномен не се ограничува само на хотели. Поради чести кражби, сообраќајните власти во Колорадо и Ајдахо ја замениле ознаката за 420-та милја на автопат со табла „419.99“. Во Минесота се користи ознаката „42x“.
Освен бројот 420, често се избегнува и бројот 13, кој се смета за несреќен. Поради тоа многу згради немаат 13-ти кат – по 12-ти следи 14-ти, а слично важи и за собите со тој број.
Познат е и примерот од хорор класикот „Shining“. Во романот на Стивен Кинг, дејството се случува во соба 217, но режисерот Стенли Кубрик во филмската верзија го смени бројот во 237, на барање на управата на хотелот „Тимберлајн Лодџ“ во Орегон, за гостите да не ја избегнуваат вистинската соба 217. Од друга страна, хотелот „Стенли“, кој бил инспирација за книгата на Кинг, својата соба 217 ја претворил во туристичка атракција.
Потекло на шифрата 420
Иако постојат многу теории за потеклото на бројот, повеќето популарни приказни не се точни. Тој не е полициска шифра за марихуана, ниту број на хемиски соединенија во растението, ниту датум на смртта на Боб Марли, ниту роденден на Адолф Хитлер. Некои споменуваат и песната на Боб Дилан „Rainy Day Women ♯12 & 35“, бидејќи производот од 12 и 35 дава 420.
Најприфатената верзија го враќа потеклото во седумдесеттите години на минатиот век, во Сан Рафаел, Калифорнија. Група средношколци редовно се собирала во 16:20 кај статуата на Луј Пастер заедно да пушат марихуана. Меѓу себе користеле изразот „Луј 420“ како шифра. Со текот на времето овој израз се проширил, а списанието High Times – своевидна библија на канабис културата – го направило 420 глобално препознатлив код.