Кино под отворено небо во Кисела Вода – четири вечери со филмска магија

Паркот „Македонија“ во Кисела Вода и ова лето ќе се претвори во вистинска филмска сцена на отворено. Од вечерва, 21 август, до 24 август, граѓаните ќе можат да уживаат во четири вечери исполнети со богата филмска програма за сите генерации.

Манифестацијата ја организира општина Кисела Вода во соработка со „Киноверзум“ ДООЕЛ Свети Николе, „Кинотека на Македонија“ и Францускиот институт во Скопје, а содржините опфаќаат анимирани филмови за најмладите, франкофонски и македонски остварувања, како и наградувани документарни приказни.

Програмата започнува вечерва со „Бунтовната принцеза“, игран филм за деца синхронизиран на македонски јазик, по што следува документарецот „Марија“, посветен на оперската дива Марија Калас. Петок е резервиран за франкофонска вечер со цртаниот филм „Каламити“ и играната драма „Повторно родена“.

Во сабота, публиката ќе може да проследи блок краткометражни македонски филмови, меѓу кои „Ракетно моделарство“ и „Баскет“, а вечерта ќе ја заокружи култниот филм „До балчак“. Финалето на фестивалот, во недела, е наменето за семејна публика со анимираниот филм „Златната пеперутка“, инспириран од светот на Биби, и со документарниот хит „Медена земја“.

Влезот за сите проекции е бесплатен, а организаторите најавуваат пријатни летни вечери исполнети со филмска уметност под отворено небо.

Зачлени се на нашиот е-билтен