Венецуелската влада распореди 15.000 припадници на армијата и полицијата на границата со Колумбија, во време кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп испраќа воени бродови кон јужниот Карибски регион.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо изјави дека силите се распоредени во пограничните сојузни држави Зулија и Тачира, а ќе им се придружат и бродови, авиони и дронови. „Претседателот нареди да се гарантира мирот. Ако сакаат да влезат преку границата, нема да успеат,“ рече Кабељо.
Според американски извори, три воени бродови со повеќе од 4.000 морнари и маринци се движат кон регионот со цел да ги сузбијат нарко-картелите. Трамп претходно го задолжи Пентагон да подготви опции за можни воени операции, потег кој предизвика загриженост кај повеќе латиноамерикански лидери, јавува Bloomberg.
Кабељо ја повика и Колумбија да ја засили безбедноста од своја страна, нагласувајќи дека односите меѓу Каракас и Богота се „одлични“.
Иако минатата недела претседателот Николас Мадуро се обиде да ја минимизира американската акција, тој сепак упати повик за мобилизација, охрабрувајќи ги граѓаните да се приклучат на милициските единици. Државната телевизија веќе започна со емитување промотивни спотови за регрутација.