Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во објава на „Фејсбук“ остро ја нападна економската политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја дека „свесно ги турка граѓаните во сиромаштија“ додека инфлацијата расте, а платите стагнираат. „Пред еден од најтешките месеци, сè е поскапо, а платите стојат. Инфлацијата од 4,8% секој месец го јаде стандардот“, напиша тој, додавајќи дека синдикалната потрошувачка кошничка за август надминува 65.000 денари, па „ни две минимални плати не се доволни за семејството да го истера месецот“.
Филипче предупреди дека земјата се претвора во „држава на сиромаштија и неизвесност“ и најави план на СДСМ за покачување на платите во сите сектори, зголемување на минималната плата на 500 евра и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. „Битката за поголем приход е битка за достоинствен живот. И таа битка СДСМ ќе ја води – со граѓаните и за граѓаните“, порача лидерот на опозицијата.