Ураганот „Ерин“ однесе два животи во САД – продолжува потрагата по исчезнатиот

Најмалку две лица ги загубија животите, а едно лице се води за исчезнато поради последиците од разорниот ураган Ерин, кој претходните денови го погоди источниот брег на САД. Иако ураганот ослабна во посттропска бура, и понатаму претставува сериозна закана за населението, предупредуваат американските метеоролошки служби.

Според Националниот центар за урагани во Мајами, Ерин, иако веќе не е класифициран како активен ураган, е двојно поголем од просечен ураган, и создава опасни морски струи и животозагрозувачки бранови долж крајбрежјето.

Во Солсбери, американската крајбрежна стража и полицијата продолжуваат со потрага по маж кој исчезнал во саботата, откако неговиот чамец се превртел поради лошото време. Во инцидентот, второ лице од чамецот било спасено и пренесено во болница со полесни повреди.

Во Њу Хемпшир, 17-годишно момче се удавило во неделата вечер кај плажата Хемптон, кога било повлечено од силна струја. Неговиот татко се обидел да го спаси, но безуспешно – младиот човек починал во болница.

Трагедија се случила и кај брегот на Њујорк, во националниот парк Фајер Ајленд, каде 59-годишниот Ишмоил Мохамед од Јужна Каролина се удавил, исто така поради морската струја која го повлекла додека се капел.

Во Мејн, едно лице било спасено откако неговата јахта се превртела поради брановите во пристаништето Јорк. Од Северна Каролина се пријавени песочни бури, локални поплави и затворање на патишта поради периферните ефекти од ураганот.

Додека САД се справуваат со последиците од Ерин, метеоролозите известуваат дека се формирале две нови тропски бури:

  • „Жулиет“, која се наоѓа во Тихиот Океан, околу 760 километри југозападно од врвот на Долна Калифорнија, бележи ветришта до 95 km/h и има потенцијал да се засили во ураган во наредните денови.
  • „Фернанд“, лоцирана во Атлантскиот Океан, на околу 775 километри источно-североисточно од Бермуди, се движи со брзина од 22 km/h и се очекува постепено да ослабне.

Според Националниот центар за урагани, во моментов нити една од новите бури не претставува директна закана за копното, но ситуацијата внимателно се следи.

Иако „Ерин“ веќе не е активен ураган, неговите последици се длабоко почувствувани низ источниот брег на САД – од поплави и разурнати мали пловни објекти, до загубени човечки животи. Локалните власти апелираат на крајна претпазливост, особено на плажите и во близина на отворени води, каде скриените струи и големите бранови и натаму претставуваат смртна опасност.

Зачлени се на нашиот е-билтен