Во Венеција на филмскиот фестивал се одржа прес конференција организирана по повод премиерата на филмот „МАЈКА“ на Теона Стругар Митевска, со кој денеска се отвора програмата „Хоризонти“ на Венецијанскиот филмски фестивал.
На прес конференцијата за филмот говореа режисерката Теона Стругар Митевска, Номи Рапас, европската филмска ѕвезда во улогата на Мајка Тереза, Никола Ристановски, Силвија Хоекс, Лабина Митевска, која воедно е и ко-продуцент на филмот и Себастијан Делој, исто така копрудуцент.
Денеска филмот „Мајка“ имаше две затворени проекции за новинарите и за претставниците на филмската индустрија, а главната проекција е закажана за денеска во 16.00 часот, со што и официјално за отвора Венецискиот фестивал со програмата „Хоризонти“.
Филмот „Мајка“ следи седум дена од животот Тереза во Калкута, Индија, во август 1948 година. Тереза, настојничка во манастирот на сестрите од Лорето, со нетрпение го чека писмото што конечно ќе ѝ дозволи да го напушти својот манастир и да го создаде својот нов ред како одговор на повикот што го добила од Бога. Токму кога сè изгледа подготвено, таа се наоѓа соочена со дилема што ги доведува во прашање нејзините сопствени амбиции и вера, предивикувајќи голема пресвртница во нејзиниот живот.
Сценариото за филмот го напиша Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска, Елма Татарагиќ. Директор на фотографија е Вирџини Сен-Мартин. Монтажата е на Пер К. Киркегард. Дизајнер на продукција е Вук Митевски. Дизајнер на костимите е Клодин Тихон. Звукот на Грегори Ланој, Ингрид Сајмон, Кристофер Солтинг и Питер Албрехтсен. Оригиналната музика за филмот е на Магали Грузел и Флеминг Нордкрог.