Фон дер Лајен: Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ само врз основа на сопствените заслуги

Само врз основа на сопствените заслуги, земјите од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ. Секоја земја избира дали сака или не сака да биде дел од ЕУ.

Ова го изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, како одговор на прашањето на новинарот на БГНЕС на денешната прес конференција на Претседателката на Европската комисија по средбата со бугарските лидери, пренесува бугарскиот медиум.

„Дали е реално безбедносниот систем што Европската Унија во моментов го гради со вооружување и други мерки да биде одржлив тука, во регионот на Црното Море и на Балканот, со оглед на политиката на прогласениот руски сојузник Србија и обидите за дестабилизација на Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора – сите земји кандидати за членство во Унијата? Дали ги земате предвид овие ризици? Во овој контекст, дали му кажавте на г-динот Христијан Мицкоски дека нема да добие „план Б“ за европска интеграција на Северна Македонија?“, прашал новинарот на БГНЕС.

Во одговорот Фон дер Лајен нагласува дека проширувањето на Унијата останува приоритет со цел да се гарантира безбедноста на континентот:

„Проширувањето е во интерес на ЕУ. Поголема, поконкурентна и побезбедна ЕУ значи Европа со посилен глас во светот.“

„Второ, како што рековте – мешањето на другите сили, особено Русија, во Западен Балкан, а исто така и во Молдавија – бара од нас да застанеме зад нашите пријатели и партнери, да ги поддржиме и зајакнеме, да се бориме против овие хибридни напади и мешањето што го трпат. Мора да им дадеме можност слободно да изберат – дали сакаат да бидат дел од ЕУ или не“, додаде таа.

„Проширувањето е и ќе остане процес базиран на заслуги. Јасно е што треба да се направи, подобрувањата што треба да се постигнат. Секој кандидат ќе биде оценет според неговите услови. Ова гради доверба од двете страни. Проширувањето бара време. Сакам да повторам дека е клучно за Европа, за регионалната стабилност и безбедност, да работиме напорно за успешно проширување“, заклучи претседателката на ЕК.

Зачлени се на нашиот е-билтен