Претседателот на Собранието Африм Гаши за денеска по вторпат ја закажа седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и на АР со која претседава пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска.
Таа претходно повика што побрзо да се состанат членовите на Комисијата и сите да гласаат за декласифицирање на материјалите во Агенцијата за национална безбедност, па да се види дали премиерот Христијан Мицкоски навистина бил цел за следење, или не. Рече дека никој не треба да се плаши од декласифицирање на документите и го повика премиерот да не стравува од тоа што евентуално би се видело за него.
„Мене лично, како пратеничка на СДСМ, како и на партијата, ни е од интерес надзорот да се спроведе и граѓаните, а и јавноста да бидат информирани за наодите и информациите до кои ќе дојдеме. Секој друг обид за шпекулации, сценарија или префрлање вина власт-опозиција-ДУИ и така натаму е неприфатлив, бидејќи се покажува дека поединци во Собранието немаат сериозен пристап кон ова прашање. Ние немаме што да криеме. Но, се сомневаме дека власта има што да крие. Затоа, по нашето повеќедневно инсистирање за декласификација, можеби ова одложување е резултат на страв од таа декласификација. Она што би било откриено со тие документи најверојатно нема да биде пријатно за претставниците на сегашната власт“, рече Петровска.
Собраниската Комисија за надзор над АНБ и АР треба да изгласа влегување во контрола на АНБ.
Истражители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК ), денеска влегле во Агенцијата за национална безбедност откако таа поднесе пријави за незаконско физичко следење на Христијан Мицкоски како лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Во рамките на предистражната постапка, денеска тим од истражители од ОЈО ГОКК беа примени во АНБ каде што беше договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК. Во рамките на денешниот работен ден, двете институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес. Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија“, кажа Обвинителството.
На 29 август беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност под водство на директорот Бојан Христовски, доставила три известувања до Јавното обвинителство за еден од своите поранешни директори, како и група вработени, зашто од 2019 до 2024 година, следеле опозиционен лидер и неколку медиуми. Извори од АНБ рекоа дека незаконски бил следен и обвинител, министер од претходната влада, како и неколку новинари.