ЕУ го казни „Гугл“ со 2,95 милијарди евра за злоупотреби во адтек

Европската комисија денескаизрече казна од 2,95 милијарди евра против „Гугл“ поради нарушување на конкуренцијата на пазарот на рекламни технологии. Според наодите, компанијата ја користела својата доминантна позиција за да ги фаворизира сопствените алатки и разменa за огласи на штета на огласувачите и издавачите, што го извртува пазарот и ги потиснува конкурентите.

Извршната потпретседателка на ЕК Тереса Рибера порача дека „Гугл“ мора да предложи „сериозен лек“ за судирите на интереси и за самопреферирањето во адтек синџирот. Комисијата му даде на „Гугл“ рок од 60 дена да достави мерки; доколку не бидат убедливи, Брисел најавува дека ќе наметне сопствено решение, вклучително и можни структурални интервенции.

Од „Гугл“ најавуваат жалба и тврдат дека нивните услуги им носат бенефит на издавачите и огласувачите. Случајот се надоврзува на повеќегодишните истраги во ЕУ и паралелните постапки во САД, каде Министерството за правда бара структурни мерки во адтек бизнисот на компанијата.

Одлуката доаѓа и покрај јавно изразените закани на американскиот претседател Доналд Трамп за дополнителни тарифи кон земјите од ЕУ доколку, како што тврди, „дискриминираат американски технолошки компании“. Најавата на казната беше одложена порано оваа недела, но Комисијата сепак ја финализираше мерката, испраќајќи сигнал дека правилата за конкуренција важат независно од политичките притисоци.

Новата глоба е меѓу највисоките што Брисел му ги изрекол на „Гугл“ и следи по претходните казни поврзани со „шопинг“ услугата и со Android. Регулаторите нагласуваат дека целта не е казната сама по себе, туку враќање на фер условите за конкуренција во дигиталното огласување.

Зачлени се на нашиот е-билтен