IN MEMORIAM: Илинденка Петрушева (1944–2025)

Кинотеката на Република Северна Македонија изразува длабоко жалење и искрено сочувство до семејството заради загубата на Илинденка Петрушева, исклучително почитуван филмски критичар, истражувач на македонската кинематографија и плоден публицист, која остави траен белег во македонската култура.

Илинденка Петрушева (4 август 1944 – 5 септември 2025) беше родена во Горна Џумаја, денешен Благоевград, во семејството на Кирил Петрушев, прв министер за внатрешни работи на Народна Република Македонија. Веднаш по ослободувањето на Скопје, на четиримесечна возраст е донесена во градот, каде ја завршува гимназијата и музичкото образование, а потоа и студиите на Филозофскиот факултет во Загреб, катедрата по етнологија, со дополнително изучување на италијански, шпански и филмска теорија.

Професионалниот пат го започнува како советник за култура во Скопската организација на младите, а со отворањето на Домот на младите „25 мај“ станува уредник за филм. Во 1974 година е еден од основачите на Кинотеката на Македонија и во нејзината структура останува сѐ до пензионирањето во 2009 година, со бројни функции – раководител на Одделението за истражувачка, издавачка, јавна, меѓународна и библиотечна дејност, советник филмолог и главен уредник на списанието „Кинопис“.

Во текот на својата кариера Петрушева активно придонесуваше за македонската филмска култура:

  • учество во востановувањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола (1979–1995),
  • претседател на Киносојузот на Македонија и иницијатор за негово вклучување во УНИКА,
  • генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на Југославија (1977–1979),
  • член на Друштвото на филмските работници и ФИПРЕСЦИ,
  • учество како член на жирија на бројни домашни и меѓународни фестивали,
  • предавања на меѓународни семинари и летни школи, како и соработка во енциклопедиски и научни проекти.

Незаменлив придонес даде и во филмската критика и публицистика, објавувајќи над 1800 единици во списанија и весници, како и книги и монографии посветени на македонски и светски кинематографски творци. Автор е на книги како „Филмолошка библиографија 1944–1954“, „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935–2000“, „Време на игри и соништа“ и други.

Илинденка Петрушева е добитник на бројни награди за животно дело, меѓу кои:

  • „Почесен медал“ на УНИКА (2000),
  • „Златен објектив“ на Кинотеката на Македонија (2017),
  • државната награда „11 Октомври“ за животно дело (2017).

Со своето заминување на 5 септември 2025 година, македонската културна сцена губи еден од најистакнатите интелектуалци и посветени културни дејци, кој остави неизбришлива трага во историјата на македонската кинематографија.

Зачлени се на нашиот е-билтен