Вечерва низ повеќе градови во Србија се одржуваат протести под мотото „Со ’рбет против насилството“ како реакција на бруталната полициска акција синоќа на протестите во Нови Сад. Полицијата е се уште присутна на кампусот на Универзитетот во Нови Сад, со распоредени сили пред Ректоратот и Филозофскиот факултет.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, соопшти дека 13 полицајци се повредени, а 42 лица се приведени. Студентите кои го блокираа кампусот тврдат дека инцидентите биле инсценирани и дека насилството од страна на полицијата било однапред планирано, а не реакција на случувањата.
„Оние кои го нарачаа синоќешниот варваризам се свесни дека институционалното решавање на кризата би ги довело до доживотен затвор и се подготвени да ја жртвуваат Србија за да се спасат себеси“, наведоа студентите во блокада во соопштение објавено денеска.
Деканите на неколку факултети побараа оставка од ректорот Дејан Мадиќ, поради ескалацијата на насилството, и нагласуваат дека предупредувањата од академската заедница и граѓаните за неприфатливо однесување на кампусот не биле земени предвид.
„Мирниот протест на студентите и граѓаните беше прекинат со брутална полициска акција, при што голем број учесници беа повредени. Насилството на неколку демонстранти не може да послужи како оправдување за неселективна употреба на сила и хемиски средства против илјадници луѓе“, стои во соопштението на деканите.
Поради ситуацијата, деканите го повикаа ректорот Мадиќ да поднесе оставка за да придонесе кон смирување на конфликтот. Меѓу потписниците се деканите на Земјоделскиот, Природно-математичкиот, Педагошкиот, Градежниот и Економскиот факултет, како и Академијата за уметности.
Во меѓународна реакција, групата социјалисти и демократи во Европскиот парламент го осудија непочитувањето на претседателот Александар Вучиќ кон членовите на ЕП, нарекувајќи го нив „олош“ и заканувајќи се со гонитба. Во соопштението се осудува полициското насилство и неприфатливите напади врз европските претставници.