Во Париз денеска започна вонредната седница на францускиот парламент, на која пратениците ќе одлучуваат дали да ја дадат довербата на владата на премиерот Франсоа Бајру. Тој е четвртиот премиер на Франција во последните три години.
Бајру ја нарече седницата „тест на вистината“, иницирана со поддршка од претседателот Емануел Макрон. Тој нагласи дека најголемиот ризик би бил ништо да не се преземе и да се продолжи со досегашната политика, додавајќи дека сега е време да се отвори „историското прашање на националниот долг“.
Според агенцијата Reuters, Бајру се соочува со речиси сигурен пораз, што би ја вовело Франција во нова фаза на политичка нестабилност.
Ако повеќе од половина пратеници гласаат против владата, таа ќе падне, што ќе го принуди претседателот Макрон да назначи нов премиер – помалку од една година откако го замени претходниот конзервативен премиер Мишел Барние.