Вилијам и Кејт ги предводеа почестите за кралицата Елизабета II на трета годишнина од смртта

Три години по смртта на кралицата Елизабета Втора (8 септември 2022), британската јавност повторно ѝ оддаде почест на најдолговечниот монарх на Обединетото Кралство. Престолонаследникот принцот Вилијам и принцезата од Велс, Кетрин, ја предводеа комеморацијата со посета на огранок на Националната федерација на женски институти (WI) во Санингдејл – организација која со децении ѝ беше блиска на покојната кралица.

Кралицата Елизабета била членка на WI од 1943 година и од 2003 година ја предводеше локалната секција во Сандрингам, традиционално присуствувајќи на јануарските состаноци додека здравјето ѝ дозволуваше. Токму оваа долготрајна врска со женските институти беше причината Вилијам и Кејт да изберат комеморативна средба со членките на WI, во ненаметлив, но симболично силен гест.

Во исто време, принцот Хари се врати во Обединетото Кралство и во приватност ѝ оддаде почит на својата баба на нејзиното последно почивалиште во капелата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор, оставајќи венец и цвеќе. Иако браќата се најдоа на мала оддалеченост еден од друг, не се очекува средба меѓу Вилијам и Хари за време на оваа посета. Хари, сепак, би можел да се види со својот татко, кралот Чарлс – потенцијална средба која би била прва по скоро две години.

Кралот Чарлс III и кралицата Камила престојуваат во Балморал – местото каде што Елизабета почина на 96-годишна возраст – и без јавен настан го одбележуваат денот на нејзиното упокојување и денот на неговото стапување на престолот. На официјалните канали на кралското семејство беше споделена порака во сеќавање на кралицата, придружена со фотографија од нејзиниот долг владетелски период.

Зачлени се на нашиот е-билтен