Рацин.мк во претходни два текста пишуваше за поврзаноста на деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, со фирмата ДИПКО. Во првиот текст, го прашавме управителот на ДИПКО, д-р Златко Богдановски, инаку продекан за наука и меѓународна соработка во Деканатот на Градежниот факултет, но тој не одговори на нашите прашања.
Вториот текст со наслов Горан Марковски должи одговор на прашањето каква е неговата поврзаност со фирмата ДИПКО, го испративме до Марковски, актуелен како еден од кандидатите за градоначалник на Скопје, предложен од од платформата „Независни заедно“,поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.
Горан Марковски ни одговори на прашањата што ви ги презентираме такви какви што ги добивме:
Зошто Градежен факултет има потреба да основа дооел?
Согласно член 46 од Законот за образование, Универзитет, односно самостојна високообразовна установа, може под услови утврдени со закон и со статут заради продажба на своите научни резултати, откритија или патенти, услуги од јавни овластувања, експертско знаење, уметнички творби и други остварувања во вршењето на применувачка работа, за вршење на издавачка дејност, за здравствена заштита на студентите, за сместување и исхрана, за културни потреби, спорт и рекреација на студентите и вработените во високообразовните установи и за други потреби, самостојно или со друг соосновач да основа трговско друштво или установа под условите утврдени со закон и статут.
Каква е непосредната поврзаност на ДИПКО дооел со факултетот или се работи за посебна и независна компанија?
Единствен основач/сопственик на Друштвото е Република Македонија – Универзитет “СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ” во Скопје ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ Скопје.
Универзитетот како единствен основач учествува во управувањето и во распределбата на добивката како и други права определени со закон.
Ако ДИПКО е формирана како компанија за инженеринг, проектирање, консалтинг и обука, дејности што во целост ги покрива и факултетот, зошто имало потреба да се формира нова фирма?
Друштвото е основано во 2016 година со Одлука донесена од страна на Деканатската управа на Градежниот факултет – Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Како што е наведено погоре, Законот за високо образование и другите подзаконски акти, даваат можност универзитетите како високо-образовни институции да основаат трговски друштва, заради поедноставно остварување на својата применувачка работа, развој на својата дејност преку практична соработка со субјекти преку заеднички проекти, истражувања и развој на градежништвото во целина, а со тоа создавање на дополнителни извори на приходи за универзитетот со цел унапредување на научно-истражувачката дејност.
Кои луѓе се вклучени во зделките на ДИПКО за инженеринг, проектирање, консалтинг и обука?
Во работата на ДИПКО се ангажира наставно – научниот кадар од Градежниот факултет – Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Станува збор за експерти со висока стручност и академско искуство во областа на инженерингот, проектирањето, консалтингот и обуката. Зависно од типот и сложеноста на конкретната работа, се избира кадар кој со својата соодветна експертиза најдобро одговара на барањата на задачата. На овој начин се обезбедува секоја активност да се извршува согласно највисоките професионални стандарди и во целосна усогласеност со важечките прописи.
Дали во зделките на ДИПКО се вклучени професорите на Градежен факултет? Дали меѓу нив се и членовите на деканатот, вклучувајќи го и деканот проф. д-р Горан Марковски?
Како што веќе беше објаснето, зависно од типот и сложеноста на конкретната работа, за проектите на ДИПКО, се избира исклучиво од наставно научниот кадар на Градежниот факултет – Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Изборот се прави врз основа на стручноста и експертизата на поединецот, за да се обезбеди квалитетна и професионална реализација на секоја задача.