Во Скопје вечерва се одржа протест под мотото „Шест месеци без правда за Кочани“ со цел да им се оддаде почит на жртвите од катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи пред точно половина година.
Иницијативата „Кој е следен“, која ја организираше манифестацијата, постави сандаче за писма на плоштадот, каде граѓаните можеа да остават пораки за семејствата на загинатите. Пораките, кои треба да им покажат дека не се сами во својата тага, ќе бидат доставени во Кочани наредната недела.

Организаторите истакнуваат дека пожарот не бил случајна несреќа, туку резултат на нефункционални институции и партиски систем, кои дозволиле да дојде до „масакр“ врз младите луѓе. Тие изразија незадоволство од бавноста на судските процеси и од, како што велат, заканите и притисоците од власта.
„Состојбата по шест месеци е продолжение на трагедијата. Преживеаните и семејствата на жртвите останаа на милост и немилост на државата која требаше да ги заштити“, велат од „Кој е следен“.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март во раните утрински часови, при што загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, информираше дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност, вклучувајќи сопственици, управители, инспектори, градоначалници и членови на обезбедување. Поради недостиг на докази, постапката за 11 лица е запрена, вклучувајќи двајца поранешни министри.

Истражната постапка е во тек и за 13 полицајци поврзани со случајот. Доколку се обезбедат нови докази, се најавува продолжување на постапките и можност за вклучување на други лица.