Топлотниот бран однесе 50 илјади жртви во Европа

Топлотните

Екстремните горештини летово одзедоа околу 50.000 животи во европските урбани центри, а научниците проценуваат дека климатските промени се директно одговорни за речиси две третини од смртните случаи.

Ново научно истражување, базирано на податоци од 854 европски градови, покажува дека изминатото лето е забележан рекорден број смртни случаи поврзани со екстремни температури. Според епидемиолошкиот модел, глобалното затоплување било причина за над 32.000 смртни случаи во урбаните средини, каде што топлите денови и тропските ноќи им оневозможија на ранливите граѓани физички да закрепнат од топлотниот стрес.

Уделот на смртни случаи што директно им се припишуваат на климатските промени бележи постојан раст. Додека на почетокот на векот тој процент изнесуваше околу 40 отсто, изминатово лето се искачи на 65 проценти. Истражувачите од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина посочуваат дека највисоки стапки на смртност се регистрирани во Малта, Италија и Унгарија, додека најголеми апсолутни бројки бележат Италија, Франција, Шпанија, Германија и Велика Британија.

Неапол е најпогодениот европски град, каде што се проценуваат 815 смртни случаи на милион жители. Лекарите од итните служби во градот забележале пораст од 15 отсто на итните приеми за време на најкритичните недели, посочувајќи дека комбинацијата од високи температури, хронични болести, осаменост и енергетска сиромаштија довела до катастрофални последици кај повозрасните граѓани.

Речиси половина од починатите биле лица постари од 85 години, но екстремните горештини не ги поштедија ниту помладите генерации, при што се проценува дека починале и повеќе од 800 луѓе на возраст од 20 до 44 години. Анализата опфаќа градови каде што живеат околу 40 отсто од европската популација, што значи дека вкупниот биланс на настрадани во помалите населени места и руралните средини е уште поголем.

Европските метеоролошки служби потврдија дека западниот дел на континентот се соочи со најтешкиот топлотен стрес досега, со температури што создаваа чувство на над 38 степени Целзиусови. Европа се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек, а здравствените експерти апелираат за итни мерки – од намалување на употребата на фосилни горива и озеленување на урбаните средини, до зајакнување на здравствените системи и социјална грижа за ранливите категории граѓани.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?