Социјалните мрежи се полни со инструменти за надзор, а следењето на содржини на овие платформи, каде многу луѓе ја искажуваат својата политичка мисла, станува опасно во времиња на се поголема идеолошка цензура, оценува Алберт Фокс Кан, основач на американската невладина организација Stop, која се бори за право на приватност на граѓаните.
Кан за Neue Zürcher Zeitung (NZZ) истакна дека е добро познато дека американската служба за имиграција и царина (ICE) ги следи објавите на имигрантите и натурализираните Американци, и дека тие „се соочуваат со мерки ако ја критикуваат владата“.
„Станува збор за цела инфраструктура изградена со години, уште пред Доналд Трамп. Во неа учествуваат и приватни компании“, додава Кан.
Тој објасни дека постои цела низа специјализирани алатки кои директно ги следат содржините на социјалните мрежи, а властите тесно соработуваат со фирмите за податоци. „Голем број лажни профили се создадени за следење на луѓе. На пример, градот Мемфис користел лажни профили за да ги следи демонстрантите на движењето „Black Lives Matter“ и да добие повеќе информации за планираните протести. Но знаеме и за повеќе компании кои го прават истото и потоа ги доставуваат податоците до полицијата“, вели Кан.
Според него, во САД постои постојан ризик обемниот надзорен апарат, кој бил создаден по терористичките напади на Светскиот трговски центар на 11 септември 2001 година, да се употреби и против критичарите во земјата.
Покрај тоа, органите за кривичен прогон имаат на располагање многу други инструменти. Кан наведува примери како Geofence налози за пребарување, кои им овозможуваат на компаниите да лоцираат сите електронски уреди на одредена површина во определено време.
На прашањето за следење на луѓе на демонстрации и јавни собири, Кан објаснува дека тоа се прави со помош на прикриени агенти, дронови, технологии за препознавање лица и биометриска идентификација.
Тој додава дека се користи и препознавање на тетоважи и други методи кои го следат изгледот или облеката. „Постојат технологии кои се развиваат за автоматско препознавање на човекот по неговиот начин на движење, телесна гестикулација или по одделни делови од телото. Сето тоа претставува нови закани на кои сме изложени денес“, вели Кан.
НВО организацијата Stop, основана во 2019 година во Њујорк, се бори против нарушувањето на приватноста и злоупотребата на технологиите за надзор, кои често се користат од страна на локалните власти без ограничувања.