Кабинетот на Нетанјаху за првата фаза од мировниот план порача – „Подготвени сме“
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека Израел е подготвен за „итно ослободување на сите заложници“ во согласност со првата фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Израел е подготвен за итно спроведување на првата фаза од планот на Трамп за итно ослободување на сите заложници. Ќе продолжиме да работиме во целосна соработка со претседателот и неговиот тим за да ја завршиме војната во согласност со принципите на Израел и визијата на Трамп“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху, кое беше издадено за време на Шабат, објави The Times of Israel.
Претходно, военото радио „Кан“ објави дека израелските политички лидери им наредиле на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да ја запрат офанзивата врз градот Газа, откако Трамп побара израелските напади веднаш да се запрат за да се овозможи безбедно ослободување на заложниците.
Според тие изјави, на единиците на терен им било наредено да ги намалат своите активности на „минимум“ и да изведуваат исклучиво одбранбени маневри.
„Безбедноста на нашите сили е од најголема важност и сите капацитети на ИДФ ќе бидат доделени на Јужната команда за одбрана на нашите трупи“, се вели во соопштението.
Потврда за промената на воениот фокус даде самата армија, објавувајќи дека началникот на Генералштабот Ејал Замир направил посебна проценка на ситуацијата со врвните генерали и издал наредба за подготовка на спроведувањето на првата фаза од планот на Трамп, пренесува Танјуг.
Хамас синоќа објави дека се согласува да ги ослободи сите живи заложници, да ги врати телата на мртвите заложници и да ја предаде администрацијата на Газа на Палестинската управа на независни технократи, објави Ројтерс.
Според извештаите, Хамас објавил дека е подготвен веднаш да се вклучи во преговори со медијатори со цел да се разговара за деталите за споменатите прашања.
Хамас додаде дека ги цени напорите на арапските и исламските земји, како и напорите на меѓународната заедница и претседателот на САД, Доналд Трамп.
Врз основа на соопштение објавено од Хамас, Трамп синоќа изјави дека верува оти палестинската милитантна група е подготвена за траен мир.
Трамп претходно му постави ултиматум на Хамас.
По одговорот на Хамас, тој напиша на својата социјална мрежа Truth Social дека Израел мора веднаш да го запре бомбардирањето на Газа, за да можат преостанатите заложници што ги држи Хамас безбедно и брзо да бидат извлечени.
Мировниот план на Белата куќа за Газа од 20 точки предлага крај на конфликтот меѓу Израел и членовите на Хамас, како и враќање на сите заложници што ги држи групата, живи и мртви, во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел.
Израелските сили ќе се повлечат на договорените линии за да се подготват за ослободување на заложниците, а кога сите заложници ќе бидат ослободени, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотни затворски казни и 1.700 жители на Газа кои се притворени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, се вели во планот.
Како што објави Белата куќа, Газа ќе биде ставена под контрола на преодна влада, која ќе ја предводи Трамп, а во која ќе биде вклучен и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Белата куќа соопшти дека борците на Хамас ќе се обврзат на „мирен коегзистенција“ со можност да ја напуштат Газа со „безбеден премин“ доколку така сакаат.