Исламски џихад: „Одговорно учествувавме во консултациите што доведоа до одлуката за примирје во Газа“

Исламски џихад вели лдека „одговорно учествувале во консултациите што доведоа до таа одлука“

Палестинската група Исламски џихад (PIJ) објави дека се согласува со ставот на Хамас за планот за примирје за Газа на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, наведувајќи дека изјавата на Хамас го изразува и ставот на другите палестински групи.

Исламски џихад нагласи дека „одговорно учествувал во консултациите што доведоа до таа одлука“, објави Ал Џезира.

Хамас претходно објави дека е подготвен да ги ослободи затворениците во Газа според предложениот договор на Трамп, со услов деталите да бидат договорени и Палестинците да имаат право на глас во идното управување со територијата.

Заменик-генералниот секретар на палестинската организација Исламски џихад, Мухамед ал-Хинди, претходно изјави дека сунитското исламистичко движење бара големи промени во мировниот план на Трамп за Газа, откако претходно целосно го отфрли.

Мировниот план на Белата куќа за Газа, објавен во понеделник, предлага крај на конфликтот меѓу Израел и членовите на палестинската милитантна група Хамас, како и враќање на сите заложници што ги држи групата, живи и мртви, во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел.

Планот, меѓу другото, бара израелските сили да се повлечат на договорените линии за да се подготват за ослободување на заложниците, а кога сите заложници ќе бидат ослободени, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотни затворски казни и 1.700 жители на Газа кои се притворени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.

Според тој план, Појасот Газа би бил ставен под контрола на меѓународно тело, предводено од Трамп, а во кое би бил вклучен и поранешниот британски премиер Тони Блер.

Зачлени се на нашиот е-билтен