Чесите втор ден гласаат за новиот состав на Долниот дом на Парламентот

Чесите втор ден гласаат за новиот состав на Долниот дом на Парламентот

По ноќната пауза, во Чешката Република изутрината во 8 часот продолжи гласањето за избор на 200 нови членови на Долниот дом на Парламентот.

Околу 8 милиони граѓани можат да гласаат до 14 часот, а првичните резултати се очекуваат вечер. Нема проекции или прогнози врз основа на излезните анкети.

Предизборните анкети на гласачите предвидуваа победа на десничарската популистичка опозициска партија АНО (Да), предводена од милијардерот и поранешен премиер Андреј Бабиш.

Од друга страна, се очекува централно-десничарскиот сојуз Сполу (Заедно) предводен од премиерот Петр Фиала да претрпи загуби. На изборите пред четири години, Сполу на Фиала ја победи АНО на Бабиш.

Излезноста на првиот од двата изборни дена беше релативно висока, според новинската агенција CTK, повикувајќи се на информации од поединечни избирачки места. Резултатите од повеќето избирачки места ќе бидат познати доцна вечер или во текот на ноќта, а неофицијалните конечни резултати ќе бидат познати до недела наутро.

Андреј Бабиш кој вчера гласаше во Острава, изјави дека се стреми кон апсолутно мнозинство за својата партија. Најави дека сака, како и во неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година, да формира еднопартиска, малцинска влада поддржана од една од партиите.

Негов единствен можен партнер е националистичата партијата Слобода и директна демократија на Томи Окамура која  е за излез на Чешка од ЕУ и НАТО, со што Бабиш не се согласува, која може да смета на околу 10 проценти од гласовите. Но, според предизборните модели, дури и со нивна поддршка, Бабиш не би имал тесно мнозинство од 101 глас во Долниот дом на Парламентот.

Претседателот Петр Павел закажа разговори со сите лидери на партиите што влегуваат во парламентот за недела.

Зачлени се на нашиот е-билтен