Од 7 октомври, граѓаните и компаниите во Македонија ќе можат значително поевтино и побрзо да вршат плаќања во евра кон странство и обратно. Со стапувањето во сила на СЕПА (Единствената европска зона за плаќања во евра), нашата земја практично се приклучува на европскиот платен систем кој носи големи олеснувања.
Провизиите паѓаат драстично
Ако досега за трансфер од 500 евра се плаќаа околу 1.600 денари, сега истиот трансфер ќе чини само 260 денари. И за приливи од странство цените се намалуваат – наместо 280 денари, за трансфер од 500 евра ќе се плаќаат околу 140 денари.
Гувернерот на НБРМ, Трајко Славески, денеска преку својот профил на платформата Х ја потврди оваа важна новина:
„Плаќањата во евра од утре ќе бидат околу шест пати поевтини и побрзи. СЕПА носи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за сите.“
Фирмите со уште поголеми заштеди
Бизнис секторот исто така добива голема предност. За трансфер од 20.000 евра, новата провизија ќе биде околу 570 денари – наместо досегашните речиси 5.000.
Без шалтери, без хартија – сè дигитално
Трансакциите ќе се иницираат преку мобилно и електронско банкарство, а парите ќе стигнуваат до примателот најчесто за еден работен ден. Девет банки од земјава стартуваат со СЕПА веќе од утре, додека останатите ќе се приклучат најдоцна до март 2026.
Македонија се приклучи на СЕПА во март годинава, но од утре почнува и практичната примена. Со ова, на граѓаните и компаниите им се отвора пристап до поволни и сигурни трансакции со сите 40 земји-членки на системот.