Трамп: Американската морнарица нападна уште еден брод во близина на брегот на Венецуела

Американската морнарица нападна уште еден брод во близина на брегот на Венецуела

Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека американските сили нападнале уште еден брод, во близина на брегот на Венецуела, под сомнение дека транспортирал дрога.

„Изминатите седмици морнарицата ја поддржува нашата мисија за исфрлање од морето на картелските терористи … синоќа елиминиравме уште еден. Сега едноставно не можеме да ги најдеме. Тие повеќе не доаѓаат по море, па затоа ќе мора да почнеме да гледаме кон копното, бидејќи ќе бидат принудени да одат по копно“, посочи Трамп.

САД досега имаат извршено пет напади врз бродови во Карипско Море, при што загинаа најмалку 21 човек. Трамп на 2 октомври го извести Конгресот дека неговата администрација ги означила членовите на нарко-картелите како „нелегални борци“ со кои САД се вклучени во „немеѓународен вооружен конфликт“.

Документот имаше за цел да ја објасни правната основа на администрацијата на Трамп за распоредување на американски воени сили во Карибите.

Според правните експерти употребата на воена сила против наводни криминалци во меѓународни води го заобиколува правниот процес и нема јасна правна основа.

Во минатото, операциите против илегалната трговија со дрога ги спроведуваше Крајбрежната стража на САД, главната агенција за спроведување на законот на САД на море, а не американската армија.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро тврди дека САД сакаат да го соборат од власт, додека министерот за одбрана Владимир Падрино ги нарече американските напади „вулгарност, провокација и закана за националната безбедност“.

Во меѓувреме, Русија ги осуди американските напади и предупреди на евентуална ескалација на Карибите.

Американските медиуми повикувајќи се на неименувани извори, на крајот на септември, објавија дека воени претставници подготвуваат опции за напади врз цели поврзани со трговци со дрога во Венецуела поради тоа што Мадуро не презема доволно мерки за да го спречи протокот на дроги од неговата земја.

Плановите што се разгледуваат главно вклучуваат напади со беспилотни летала врз членови и раководство на групи за трговија со дрога и уништување на лаборатории за производство на дрога.

Трамп минатиот месец испрати 10 борбени авиони Ф-35 во Порторико, територија на САД во Карибите, како дел од најголемото воено распоредување во областа во повеќе од три децении. Тој, исто така, испрати осум воени бродови и нуклеарна подморница во регионот како дел од декларираната операција за борба против трговијата со дрога преку Карибите кон САД.

Венецуела прогласи вонредна состојба, мобилизирајќи ги своите вооружени сили и одобри вонредни мерки за заштита на стратешки локации и институции во услови на зголемени тензии. Мадуро повика на национална мобилизација наведувајќи оти суверенитетот на Венецуела можеби ќе треба да се брани од надворешна агресија. 

Зачлени се на нашиот е-билтен