Париското обвинителство отвори истрага против Apple поради користење на Siri за снимање корисници

Париското обвинителство започна официјална истрага против технолошкиот гигант Apple, поради наводно незаконско прибирање на илјадници аудиоснимки од корисници преку нивната виртуелна асистентка Siri. Како што пренесе Politico, истрагата ја води француското Одделение за борба против сајбер-криминал (OFAC), по кривична пријава поднесена од Лигата за човекови права (LDH) во февруари годинава.

Случајот доби на тежина благодарение на поранешниот вработен во Apple, Томас Ле Бониек, кој се јави како укажувач на неправилности. Тој тврди дека додека работел во центарот на Apple во Корк, Ирска, во 2019 година, бил ангажиран за анализа на аудиоснимки од корисници на Siri, со цел подобрување на услугата. Меѓутоа, според неговото сведочење, дел од тие снимки содржеле чувствителни и интимни информации, вклучително и податоци кои би можеле директно да ги идентификуваат корисниците.

Француските истражни органи сега се обидуваат да одговорат на неколку клучни прашања: колку снимки се собрани од страна на Apple од 2014 година наваму, колку корисници се засегнати и каде точно се складираат тие податоци.

Ле Бониек прво се обидел да добие заштита во Ирска, каде што е седиштето на европскиот регулатор на Apple, но случајот бил отфрлен во 2022 година без отворање истрага. Поради тоа, укажувачот ја пренесол постапката во Франција.

Во меѓувреме, LDH покрена и групна тужба против Apple, предводена од адвокатот и поранешен пратеник Жилијан Бају, со која се повикуваат француските корисници на iPhone да се приклучат и да бараат надомест за евентуалната повреда на нивната приватност.

Случајот наликува на оној во САД во 2019 година, кога Apple се согласи да плати 95 милиони долари за да стави крај на колективна тужба поврзана со неовластено снимање разговори преку Siri.

Компанијата Apple за Politico изјавила дека никогаш не ги користела собраните податоци од Siri за маркетинг цели, не ги делела со рекламни партнери, ниту ги продавала на трети страни. Тие додаваат дека од јануари 2025 година, Siri не зачувува аудиоснимки од интеракции освен ако корисникот не даде изречна согласност. Исто така, од август 2019 година Apple го направи доброволно учеството во програмата за подобрување на услугите и престана со складирање на снимки кои се активирале по грешка.

Сепак, новата истрага ја става под прашање транспарентноста на практиките на компанијата и отвора нов бран дебата за дигиталната приватност на граѓаните во ерата на паметните уреди и вештачката интелигенција.

Зачлени се на нашиот е-билтен