Што е СЕПА и што значи за вас: водич за Македонија

СЕПА – Единствената област за плаќања во евра (Single Euro Payments Area) е европската рамка што ги израмнува правилата за плаќања во евра меѓу земји и банки, така што едно плаќање кон Берлин, Љубљана или Битола да чини и да тече речиси како домашен трансфер.

Од денес, 7 октомври 2025, девет банки од Македонија стартуваат со СЕПА кредитни трансфери – чекор што директно го поевтинува и забрзува плаќањето во евра за граѓаните и компаниите. Решението доаѓа откако Европскиот совет за плаќања (EPC) ја внесе Македонија во географската рамка на СЕПА, со оперативен старт за нашите даватели на платежни услуги на 5 октомври 2025. Европската комисија овој потег го оцени како напредок на нашата европска интеграција.

Што точно е СЕПА? СЕПА е зона што денес ги опфаќа околу 40 европски земји и територии и овозможува стандарден сет шеми: кредитен трансфер (SCT), директно задолжување (SDD) и инстант кредитен трансфер (SCT Inst). Носител на правилата е EPC, а техничките барања се утврдени во европските регулативи и „rulebook“-и. Практично, тоа значи дека банките користат исти правила и пораки (ISO 20022), се бара IBAN, а преносот на пари има јасни рокови и структури за податоци.

Што се менува за Македонија? Со одлуката од 6 март 2025 Македонија и формално стана дел од СЕПА шемите; нашите банки почнаа да се приклучуваат уште од април, а оперативната подготвеност за плаќања е од 5 октомври 2025. Националната банка веќе најави дека тарифниците се прилагодени и дека целта е пониски и транспарентни трошоци за граѓаните и фирмите. Според централната банка, првата група од девет банки – меѓу кои НЛБ, Стопанска банка, Комерцијална банка, Шпаркасе, Халкбанк, ПроКредит, ТТК, УНИ Банка и Централна кооперативна банка – денес почнува да извршува СЕПА кредитни трансфери; останатите работат на приклучување.

Како ќе плаќате во пракса?

Ако праќате евра кон било која СЕПА-земја, во мобилното/е-банкарството ќе ја изберете опцијата „SEPA“ или „Euro transfer (SEPA)“. Потребни се: име на примачот и неговиот IBAN (сѐ почесто без потреба од BIC). Трансферот е во евра, трошоците се „SHA“ (споделени – секој си плаќа кај „својата“ банка), а рокот за извршување е најдоцна следниот работен ден (т.н. D+1) – стандард низ целата СЕПА. Воедно, шемата поддржува и структуриран референтен број „RF“ (ISO 11649) што им олеснува на фирмите автоматско книжење на уплатите.

Што ви треба за да примите евра?

На испраќачот му го давате вашиот IBAN (за Македонија IBAN има 19 карактери и започнува со „MK“), како и точното име како на сметката. Ова е доволно за да се изврши стандардна СЕПА-уплата; целта на плаќање и забелешка се опционални, а рамката поддржува и структуриран „RF“ ако фактурирате.

Колку чини?

СЕПА е наменета платежните налози во евра преку граница да чинат како домашни во еврозоната; за Македонија, иако не сме ЕУ-членка, вклучувањето во СЕПА и новите тарифници што ги објавуваат банките значат значително пониски надоместоци од класичното кореспондентно банкарство. Националната банка веќе посочи тренд на намалување на трошоците за налози и приливи во евра кон СЕПА-земји, особено преку дигитални канали.

Дали има „инстант“ евра?

Во ЕУ од 2024 важи Регулативата 2024/886 што ги прави инстант-евро плаќањата (до 10 секунди, 24/7) задолжителни за давателите на платежни услуги во ЕЕА кои нудат кредитни трансфери во евра. За Македонија ова не важи автоматски по закон, но нашите банки можат доброволно да се приклучат на SCT Inst шемата. Новото издание на правилата стапи на сила на 5 октомври 2025, па реално е да очекуваме постепено појавување на „инстант евра“ и кај нас, како што расте приклученоста.

Каде сѐ важи?

СЕПА ги опфаќа сите членки на ЕУ и неколку земји/територии надвор од ЕУ (како Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Монако, Сан Марино, Андора, Ватикан и други), а од 2025 рамката е проширена и со Северна Македонија и Молдавија. Клучно е примачката банка да е „reachability“ учесник во СЕПА шемата.

Зошто ова е важно?

За дијаспората – поевтини и побрзи уплати кон дома. За извозниците – пониски трошоци и подобра предвидливост во наплатата, со можност за структуриран „RF“ референтен број на фактури. За граѓаните – плаќања во евра со помалку хартија и посредници; принципите се исти каде и да плаќате во рамката. Ова е стандарден дел од економското „европеизирање“ и реална придобивка уште пред да станеме членка на ЕУ.

Совет за безбедност и точност: секогаш проверете го IBAN-от (без празни места во електронски внес), внесете го името на примачот точно како на сметката и користете ја опцијата „SEPA“ – не „SWIFT/International“ – кога праќате евра во рамки на СЕПА, за да избегнете непотребни посреднички трошоци. За фирмите е препорачливо да воведат RF-кредиторска референца и ISO 20022 (pain.001) датотеки за автоматизација на плаќањата.

Прво ќе доминираат класичните СЕПА кредитни трансфери (SCT). Директното задолжување (SDD) и инстант-плаќањата (SCT Inst) ќе доаѓаат по банка и по фаза – зависно од техничката и регулаторната подготвеност и деловната политика на секоја банка. Но рамката е поставена: Македонија ја има европската „сигнализација“ за евра-плаќања, а конкуренцијата меѓу банките ќе ја турка цената надолу и услугата нагоре.

Зачлени се на нашиот е-билтен